СТАФА ПРЕД СУД Признав вина за да преживеам. негира дека 50.000 евра биле за Ристов

Поранешниот државен правобранител тврди дека бил под притисок да каже оти парите биле за судијата, а откри и што се случувало по неговото апсење.

СТАФА ПРЕД СУД Признав вина за да преживеам. негира дека 50.000 евра биле за Ристов
Фото: Принтскрин

Поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој издржува затворска казна откако призна вина во предметот во кој беше обвинет дека како адвокат побарал и зел вкупно 50.000 евра од сестрата на Љупчо Пецов – Ѓаволот, денеска сведочеше во Кривичниот суд.

Стафа беше предложен како сведок на одбраната на судијата Ѓоко Ристов. Иако претходно ја призна вината и склучи спогодба со обвинителството, во денешното сведочење тој негираше дека парите биле наменети за Ристов.

Пред судот рече дека со обвинителството се спогодил „одбирајќи го помалото зло“, бидејќи, како што тврдеше, бил убеден дека нема да излезе жив од затворската ќелија.

Иако според обвинението бил фатен како прима 20.000 евра пред зградата во која живеела сестрата на Пецов, Стафа тврдеше дека станувало збор за адвокатска награда за неговото застапување на Пецов.

За дополнителните 30.000 евра, за кои исто така бил обвинет дека ги зел, Стафа рече дека Пецов му ги дал како заем.

„Во ниту еден предмет не сум му дал пари на Ѓоко Ристов“, рече Стафа.

Тој додава дека признанието го дал затоа што не сакал „и нему да му се случи тоа што му се случи на Ѓоко Ристов“.

Како аргумент дека немал можност да влијае врз Ристов, Стафа го посочи фактот дека 11 дена пред неговото апсење, Апелациониот суд веќе одлучил по жалбата за притворот на Пецов и ја одбил жалбата тој да биде пуштен од притвор.

Во најголемиот дел од сведочењето Стафа зборуваше за, како што тврдеше, притисоци од истражители и обвинителката Искра Хаџи-Василева. Тој наведе дека бил притискан да каже оти парите требало да му ги даде на судијата Ристов.

Пред судот изнесе и обвинувања за постапувањето на истражителите при неговото лишување од слобода.

„Беше многу агресивен, ми вршеше тортура, ме малтретираше и физички сакаше да ме нападне“, сведочеше Стафа.

Тој тврдеше дека при претресот не биле пронајдени 20.000 евра, иако, како што рече, парите биле пријавени. Посочи и дека во службените записи не бил евидентиран целиот период од неговото лишување од слобода, поради што, како што наведе, поднел претставка до Внатрешна контрола.

Најсериозните обвинувања ги упати кон постапувањето на обвинителството. Според неговото сведочење, еден истражител се повикувал на обвинителката Искра Хаџи-Василева и му велел дека, доколку сака да се „спаси“, треба да прифати дека 20.000 евра требало да завршат кај судијата Ристов.

Стафа тврдеше дека истото барање било повторено и откако бил пренесен во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

„Десет години ќе лежам, нема тоа да го дозволам“, рече Стафа, прераскажувајќи го својот наводен одговор на притисоците.

Тој тврдеше и дека во ОЈО ГОКК се појавил обвинителот Артан Ајро, кој, според неговите зборови, „застанал пред него и му се смеел во очи“.

Стафа наведе дека за овие тврдења поднел претставки до Внатрешна контрола, Советот на јавни обвинители и други институции.

Во сведочењето ја спомена и обвинителката Наташа Поп-Трајкова, која по неговото апсење предложила да му биде укинат притворот на Пецов и да му биде заменет со куќен притвор.

„И сега каде е логиката утредента мене да ме лишат од слобода за да влијаам каде притворот ќе се замени со куќен притвор и гаранција, а по моето лишување обвинителката Наташа Поп-Трајкова предлага да се укине притворот и да се замени со куќен притвор“, рече Стафа.

Тој пред судот зборуваше и за своето семејство и здравствената состојба на своето дете, за кое наведе дека има церебрална парализа. Како што објасни, додека бил во притвор повеќепати барал мерката да му биде заменета со куќен притвор, но откако увидел дека нема друг излез, решил да ја признае вината.

„Кога видов дека нема друго, решив да признаам. Бев убеден дека нема да излезам жив од таа ќелија“, рече Стафа.

Во вкрстеното испитување тој повторно негираше дека некогаш влијаел врз судијата Ристов.

На прашање за снимките од безбедносните камери на кои, според обвинителството, се гледа дека доаѓал во Апелациониот суд и влегувал во канцеларијата на Ристов, Стафа одговори дека кај Ристов одел многу поретко отколку кај други судии и дека во Апелација одел и за консултации за правни прашања.

„Ви тврдам дека апсолутно Ѓоко најмалку е виновен за овој предмет. Нема допирна точка со овој предмет. Да е вистина, тој ќе го укинуваше притворот“, рече Стафа.

Во сведочењето тој ја оспори и тезата на обвинителството дека парите што ги побарал од Пецов и неговата сестра биле наменети за судијата Ристов.

CATEGORIES
Share This