ПРЕТРЕС КАЈ ВИШ ОБВИНИТЕЛ Се истражува примање награда за противзаконито влијание

МВР и Обвинителството влегоа во домот и службените простории на обвинителот, а неофицијално случајот се поврзува со враќање пасош на битолски бизнисмен.

ПРЕТРЕС КАЈ ВИШ ОБВИНИТЕЛ Се истражува примање награда за противзаконито влијание
Фото: Принтскрин

Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, синоќа изврши претрес во домот и службените простории на виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола.

Според информациите од Обвинителството, постојат основи на сомнение дека обвинителот сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, предвидено во член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

За претресите се обезбедени судски наредби, а дејствијата ги спроведуваат припадници на МВР.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција обезбеди судски наредби за претрес на дом и службени простории на виш јавен обвинител во ВЈО Битола, поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик“, информираа од ЈОРСМ.

Од Обвинителството најавуваат дека повеќе детали за случајот ќе бидат соопштени по завршувањето на дејствијата, во текот на денешниот ден.

Дел од медиумите, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека претресот се поврзува со постапување во врска со враќањето на пасошот на битолскиот бизнисмен Борче Марковски.

Засега нема официјална потврда од надлежните институции за оваа поврзаност.

CATEGORIES
Share This