ЛОНДОН СО УЛТИМАТУМ ДО ТЕЛ АВИВ Британија се заканува со протерување на 27 израелски дипломати
Ynet објавува дека Лондон најавил реципрочна мерка доколку Израел го затвори британскиот конзулат во Источен Ерусалим.

Велика Британија го предупреди Израел дека може да протера 27 израелски дипломати од амбасадата во Лондон доколку Тел Авив ја спроведе одлуката за затворање на британскиот конзулат во Источен Ерусалим, каде што работат 27 британски дипломати, објави израелскиот портал Ynet, повикувајќи се на неименувани извори.
Британскиот амбасадор во Израел, Сајмон Волтерс, ја пренел таа порака до израелските претставници, објави порталот, додавајќи дека Лондон се заканува дека ќе протера по еден израелски дипломат за секој британски дипломат чија работа во конзулатот е прекината.
Генералниот конзулат на Велика Британија во Ерусалим е посебна дипломатска мисија од амбасадата на таа земја во Израел и го претставува Лондон во односите со Палестинците во Ерусалим, окупираниот Западен Брег и Појасот Газа.

