И ФЕТАИ ГО НАПУШТИ ТАРАВАРИ Никогаш покрај Али Ахмети, Алијансата не се продава

Фетаи истакна дека ќе застане зад секој член што бара правда и нема да дозволи враќање на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во политичката сцена без да се соочи со, како што ги нарече, вистините што партијата ги избегнува две децении.

И ФЕТАИ ГО НАПУШТИ ТАРАВАРИ Никогаш покрај Али Ахмети, Алијансата не се продава

Во видео-обраќање до членовите и поддржувачите на Алијансата за Албанците, вицепремиерот Арбен Фетаи испрати силна порака, нагласувајќи дека партијата не е само политички субјект, туку движење што ја брани, како што рече, непоколебливата кауза и идеалите за правда и достоинство.

Фетаи истакна дека ќе застане зад секој член што бара правда и нема да дозволи враќање на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во политичката сцена без да се соочи со, како што ги нарече, вистините што партијата ги избегнува две децении.

„Нема да дозволиме ДУИ да се врати како ништо да не се случило. Тие мора да се соочат со вистините. Не станува збор за поединецот. Станува збор за нашето колективно достоинство. Мојот глас е вашиот глас. Гласот на Алијансата што не се предава, не се продава и не се плаши“, порача Фетаи, додавајќи дека нивниот пат „никогаш не поминува покрај Али Ахмети“.

Во своето обраќање, тој ја осуди политиката на понижување и компромис на сметка на достоинството на Албанците, потенцирајќи дека гласот на членството е јасен и ориентиран кон правда и „чист пат“.

Со оваа изјава, Фетаи стана третиот висок функционер кој се дистанцира од крилото предводено од Арбен Таравари. Претходно, партијата ја напуштија поранешниот министер Азир Алиу и пратеникот Салим Сулејмани, кој, покрај напуштањето на партијата, се повлече и од пратеничката функција.

Од друга страна, вицепремиерот Изет Меџити уверува дека владејачкото мнозинство останува стабилно, и покрај заминувањето на Таравари. Според него, коалицијата располага со 13 до 14 пратеници, додека новото име за министер за здравство сè уште не е објавено. Меџити открива дека се водат интензивни разговори со пратеници и членови на Европски фронт за преминување во коалицијата ВЛЕН.

Тој изрази очекување дека и останатите членови на Алијансата за Албанците ќе останат во владејачкото мнозинство, потсетувајќи дека тие имаат важна улога во изборната победа и потребните промени.

CATEGORIES
Share This