КАНДИДАТОТ ЗА АМБАСАДОР НА САД ВО БУГАРИЈА Во американски интерес е Македонија да влезе во ЕУ
Даглас Холдер, номиниран од Трамп за амбасадор во Софија, пред Сенатот најави разговори со Скопје и Софија за надминување на спорот.

Кандидатот за нов амбасадор на САД во Бугарија, Даглас Холдер (59), пред Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат изјави дека, доколку биде потврден, ќе стави акцент на економските односи и развојот на трговските и деловните врски меѓу Вашингтон и Софија.
На сослушувањето тој беше прашан и за улогата на САД во надминувањето на спорот меѓу Бугарија и Македонија и за тоа дали е во американски интерес Македонија да стане членка на Европската Унија.
Холдер оцени дека односите на САД со двете земји се добри, но дека спорот е сложен и дека Вашингтон треба внимателно да пристапи за да не ги наруши односите со ниту една од страните.
„Мојата намера, доколку бидам потврден, би била да ги одржувам односите меѓу двете држави, разговарајќи со нивните лидери и поттикнувајќи одредено меѓусебно разбирање, за да можат да ја постигнат поставената цел“, изјави Холдер.
На директното прашање дали во американски интерес е Македонија да успее да се приклучи кон ЕУ, Холдер одговори кратко:
„Да.“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја испратил номинацијата на Холдер до Сенатот на 1 јуни. Според Белата куќа, тој е номиниран за вонреден и ополномоштен амбасадор на САД во Бугарија.

