ОД 1 ДЕКЕМВРИ ПОТЕШКО ДО КРЕДИТ Народната банка ги намалува лимитите

Помали рати и пократки рокови за отплата, со исклучок за прв дом.

ОД 1 ДЕКЕМВРИ ПОТЕШКО ДО КРЕДИТ Народната банка ги намалува лимитите
Фото: Принтскирн

Од 1 декември граѓаните потешко ќе можат да се задолжуваат, бидејќи Народната банка воведува построги правила за потрошувачките и станбените кредити.

Кај денарските кредити, максималниот дел од месечниот приход што може да оди за отплата на рата се намалува од 50 на 45 проценти. Тоа значи дека за плата од 60.000 денари, наместо досегашните 30.000, максималната месечна рата ќе биде 27.000 денари.

Кај кредитите со валутна компонента, лимитот се намалува од 45 на 40 проценти од приходот.

Се скратува и максималниот рок за отплата. Кај станбените кредити од 30 на 25 години, а кај хипотекарните потрошувачки кредити од 20 на 15 години.

За кредитите за купување прв стан, лимитите остануваат непроменети – 50 проценти кај денарските и 45 проценти кај кредитите во друга валута, додека максималниот рок за отплата останува 30 години.

Од Народната банка објаснуваат дека целта на измените е да се намали ризикот домаќинствата да се презадолжат.

CATEGORIES
Share This