ТЕРЕЗА КЕСОВИЈА НА 88 ГОДИНИ ВО БОЛНИЦА Не се предаваме, публиката ја чека на сцена
Музичката легенда роденденот го дочека во Дубрава поради срцеви проблеми, ги одложи концертите во Загреб, но со оптимизам најавува враќање пред публиката.

Музичката легенда Тереза Кесовија својот 88. роденден го дочека во Клиничката болница во Дубрава во Загреб, каде што е хоспитализирана поради ненадејни срцеви проблеми „Многу сум подобро“, изјавила Кесовија за „Јутарњи лист“, додавајќи дека лекарите по два дена на интензивна нега процениле дека нејзината состојба се подобрува, по што била префрлена на болничко одделение. И покрај здравствените проблеми, 88-годишната пејачка не го губи оптимизмот.
„Што ако ќе биде во ред? Не се предаваме!“, порача Тереза.
Роденденот во болница не бил прослава каква што замислувала, но Кесовија и овој момент го прифатила со препознатливиот дух. Наместо со шампањ, наздравила со јогурт, а пријателката ѝ донела овошна торта од јагоди и нане.
„Важна е здравицата, а не со што наздравуваш“, рекла пејачката, најавувајќи дека вистинската прослава ќе следува откако ќе биде пуштена од болница.
Здравствените проблеми ја принудија Кесовија да ги одложи двата најавени концерти во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб, закажани за 3 и 4 октомври. Тие настапи требаше да бидат дел од нејзината проштална концертна турнеја, со која Кесовија оваа година се збогува од сцената по повеќе децении музичка кариера. По емотивните настапи во Сплит и нејзиниот роден Дубровник, Загреб требаше да биде следната голема станица.
„По неочекуваните кардиолошки проблеми и строгите упатства на стручниот лекарски тим, морам да ја одложам нашата средба и да му дадам време на срцето да се опорави“, порача Кесовија до својата публика.
Таа сепак најави дека концертите ќе бидат надоместени штом нејзината здравствена состојба ќе ѝ дозволи повторно да застане на сцената.
Зад долгата кариера на една од најпознатите пејачки во регионот стои и исклучително тежок животен пат. Кесовија ја загубила мајка си само два дена по своето раѓање. Подоцна, во 1974 година, дознала за смртта на својот брат во тешка сообраќајна несреќа, а набргу потоа починала и нејзината маќеа.
Во текот на животот се соочувала и со сериозни здравствени проблеми. Имала рак, поради кој ѝ бил отстранет бубрег, била оперирана од два тумора на увото, а имала и операција на гласните жици. Во едно од своите претходни интервјуа, Кесовија отворено зборувала и за еден од најтешките периоди во животот, кога во Париз се обидела да си го одземе животот, во периодот кога нејзиниот син имал само три години.
И покрај сите трагедии и здравствени предизвици, Тереза Кесовија остана на сцената со децении. Денес, на својот 88. роденден, од болничкиот кревет испраќа порака дека не се предава – и дека повторната средба со публиката допрва треба да следува.

