31 ГОДИНА ОД АТЕНТАТОТ ВРЗ КИРО ГЛИГОРОВ Бомбата од „Бристол“ и мистеријата што сè уште трае
На 3 октомври 1995 година, во срцето на Скопје, беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија. Глигоров преживеа со тешки повреди, но нападот однесе човечки животи, а кој стоел зад добро организираниот напад никогаш не беше откриено.

На денешен ден пред 31 година, на улицата „Македонија“ во Скопје, пред хотелот „Бристол“, беше извршен атентат врз тогашниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.
Нападот се случил во 9:50 часот, додека Глигоров со службеното возило се движел од претседателската резиденција кон Собранието. Експлозивната направа била поставена во автомобил „Ситроен Ами 8“, паркиран во непосредна близина на улицата, а била активирана со далечински управувач.
Во експлозијата Глигоров бил тешко повреден во пределот на главата и преживеал. Неговиот возач Александар Спировски загинал на местото на атентатот, а бил повреден и телохранителот Илчо Теовски.
Од последиците на експлозијата починал и случајниот минувач Христо Христоманов, додека биле повредени Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Според податоците од истрагата, во автомобилот-бомба биле поставени околу 20 килограми експлозив. Пред експлозијата, движењето на службеното возило на претседателот било забавено од едно „фиќо“.
Истрагата покажа дека нападот бил внимателно подготвен и организиран. Биле претресени 30.850 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти, а биле легитимирани над 188.000 лица, од кои околу 19.000 биле и претресени.
МВР спровело бројни информативни разговори со лица за кои постоеле сомневања дека би можеле да бидат поврзани со атентатот. Никој од нив не бил обвинет како сторител.
И покрај обемната истрага, до денес не е утврдено кој го нарачал и организирал атентатот врз Киро Глигоров. Постапката против непознат сторител останала отворена.
Киро Глигоров ја извршуваше функцијата претседател на Република Македонија од 1991 до 1999 година. Почина на 1 јануари 2012 година, на 94-годишна возраст.
Три децении подоцна, атентатот на улицата „Македонија“ останува еден од најголемите нерасчистени политички случаи во поновата македонска историја.

