СООБРАЌАЈОТ БЕЗ ПОГОЛЕМИ ЗАДРЖУВАЊА, НО ВОЗЕТЕ ВНИМАТЕЛНО – АМСМ предупредува на одрони и изменети режими
Нема подолги задржувања на границите, но АМСМ предупредува на одрони и изменет режим на повеќе патишта поради градежни активности.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања. Возачите се предупредуваат на повеќе делници каде има градежни активности, девијации и можност од одрони.
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен. АМСМ апелира возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлини, речни долини и клисури.
Зголемено внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од појава на одрони.
Градежни работи и времен режим
• Гостивар – Кичево (А2): Од 30 септември се изведуваат градежни работи на мостот бр. 63 над река Тајмишка, поради што е воспоставен времен режим на сообраќај.
• Струга – Дебар (Р1201): Од 29 септември има изменет режим поради реконструкција на инекционата завеса на браната „Глобочица“. Режимот ќе важи до завршување на активностите.
• Гевгелија – ГП Богородица (А1): До 15 април 2027 година сообраќајот се пренасочува на спротивната коловозна лента, со движење во две насоки. Времен режим е воспоставен и на клучката кај Гевгелија.
• ГП Делчево: Поради реконструкција на граничниот премин е воспоставен времен режим. Преминот функционира непрекинато, а сообраќајот се одвива нормално.
• Миладиновци – Свети Николе – Штип: Кај наплатната станица Преод е изменет режимот на сообраќај поради санација на косина на автопатот А4.
• Штип – Р1204: Во тек е санација на мостот на реката Брегалница, со времен режим на сообраќај до завршување на работите.
• Косоврасти – Мелнички Мост (Р1202): Поради санација на свлечиште е воспоставен времен режим на сообраќај до завршување на градежните активности.
• Прилеп – Битола: Поради работите поврзани со Коридор 10Д, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат во делот од клучката Лагово до Тополчани.
• Прилеп – Крушево – Сладуево (Р1306): Делницата од Мало Коњари до Кривогаштани е целосно затворена поради санација на оштетувања на коловозот. Сообраќајот се одвива по алтернативна делница според поставената сигнализација.
• ГП Блаце – Скопје: На повеќе делници се изведуваат градежни активности, а сообраќајот се одвива според времен режим.
• Кичево – Охрид (А2): Поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. Возачите се повикуваат строго да ја почитуваат сигнализацијата и да возат со прилагодена брзина.
Сезонски режим
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е отворен за сообраќај за сите возила со максимална дозволена маса до 3,5 тони.
Движење низ Јасен
На патниот правец Скопје – Македонски Брод движењето е дозволено во следните термини:
Скопје – Македонски Брод: 07:30–09:00, 12:00–12:45 и 16:00–18:00 часот.
Македонски Брод – Скопје: 06:00–07:00, 10:30–11:00, 13:00–13:45 и 18:30–20:00 часот.

