АНБ УДРИ ПО ПРОРУСКА ПРОПАГАНДНА МРЕЖА Претрес кај македонски државјанин, под лупа клонирани портали

Акцијата на АНБ, МВР и Обвинителството открива мрежа за која се сомнева дека преку дезинформации и координирани наративи се обидувала да влијае врз јавниот дискурс и да поттикнува поделби.

АНБ УДРИ ПО ПРОРУСКА ПРОПАГАНДНА МРЕЖА Претрес кај македонски државјанин, под лупа клонирани портали
Фото: Принтскрин

Во голема координирана акција на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство, на 18 септември 2026 година биле преземени истражни дејствија против македонски државјанин осомничен за поврзаност со странски структури и пропагандни активности насочени против државните интереси.

Според информациите од АНБ, акцијата е резултат на подолготрајни активности за откривање и спречување на мрежа за која постојат сомневања дека работи во интерес на странски структури и се обидува да влијае врз јавниот дискурс во земјата.

Во текот на истрагата, според АНБ, биле идентификувани повеќе клонирани псевдопортали регистрирани со македонски интернет-домени, преку кои се пласирале лажни вести, дезинформации и координирани наративи за актуелни политички и општествени случувања.

Од безбедносната агенција оценуваат дека целта на ваквите активности е да се поткопа довербата во институциите, да се поттикнуваат национална и етничка нетрпеливост и да се влијае врз стратешките евроинтегративни процеси на земјата.

Поради основано сомнение за сторени кривични дела „Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“ од член 319, „Одавање службена тајна“ од член 360 и „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од член 394-г од Кривичниот законик бил извршен претрес во домот на осомничениот.

При претресот биле пронајдени и одземени предмети кои треба да бидат предмет на дополнително вештачење, по што истрагата ќе продолжи со утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност со пошироката мрежа.

Од АНБ посочуваат дека оваа акција претставува продолжение на претходно спречени активности кои агенцијата ги поврзува со проруски хибридни структури. Во рамките на претходниот случај, како што информира АНБ, исто така бил инволвиран македонски државјанин против кого била поднесена кривична пријава.

Безбедносната агенција најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со активности за откривање и спречување на субверзивно-пропагандни мрежи за кои постојат сомневања дека се поврзани со регионални проруски политички структури и имаат цел да влијаат врз безбедносниот амбиент во земјата.

CATEGORIES
TAGS
Share This