ПЕТ ЛЕКАРИ ОД БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ОБВИНЕТИ ЗА ТЕШКИ ДЕЛА ПРОТИВ ЗДРАВЈЕТО: 40-Годишна пациентка починала по пропусти во лекувањето

Обвинителството ги товари лекарите дека не ја откриле навреме тромбозата и не презеле соодветни дијагностички и терапевтски мерки, по што состојбата на пациентката нагло се влошила.

ПЕТ ЛЕКАРИ ОД БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ОБВИНЕТИ ЗА ТЕШКИ ДЕЛА ПРОТИВ ЗДРАВЈЕТО: 40-Годишна пациентка починала по пропусти во лекувањето
Фото: Принтскрин

Основното јавно обвинителство Битола поднесе Обвинителен предлог против петмина лекари-интернисти од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“, кои ги товари за сторени тешки дела против здравјето на луѓето, согласно член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинението, лекарите во периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година, на Одделот за интерни болести, несовесно ја лекувале 40-годишната пациентка, при што дошло до влошување на нејзината здравствена состојба и на крајот до смртен исход.

Пациентката првично била упатена во болницата од матичен лекар, кој се сомневал на воспаление на вените – тромбофлебитис.

Но, според Обвинителството, по прегледот на интерното одделение, без целосно земена анамнеза и детални анализи, на пациентката и била поставена дијагноза ревматоиден артритис, по што била пуштена на домашно лекување.

Со тоа, како што наведува Обвинителството, не била навреме утврдена вистинската здравствена состојба. Не била откриена и дијагностицирана тромбозата, ниту била навреме применета соодветна терапија.

На 1 јуни 2024 година, пациентката повторно се јавила во болницата со силни болки во стомакот и влошена општа состојба. Таа била хоспитализирана, но, според обвинителството, во следните четири дена, и покрај абнормалните лабораториски и биохемиски резултати, не биле преземени дополнителни дијагностички испитувања за утврдување на причината за состојбата и определување соодветна терапија.

Нејзината состојба продолжила значително да се влошува.

Попладнето на 4 јуни, пациентката побарала помош во приватна клиника во Скопје, каде што била примена во тешка општа состојба.

При итно извршениот хируршки зафат, според Обвинителството, била констатирана тромбоза на горната и долната мезентерична артерија, со комплетна гангрена на тенкото и дебелото црево.

Состојбата веќе била неоперабилна, а пациентката починала на 5 јуни 2024 година.

Обвинителството наведува дека со пропустите во лекувањето била пропуштена реална можност навреме да се открие и лекува тромботичниот процес, со што можело да се спречи или ограничи неговото напредување и последователното влошување на здравствената состојба.

За обвинетите лекари, за понатамошната одговорност ќе одлучува надлежниот суд.

CATEGORIES
Share This