30 септември, денот кога народот го победи „ѕверот“
Договорот мора да биде поништен, за Единствена Македонија битката не завршува. Борбата за Македонија и Македонците продолжува.

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Среда, 30 септември 2026 година
Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година донесе одлука за распишување референдум со прашањето: Дали сте за членство во Европската Унија и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?
Согласно ова, како претседател на партијата Единствена Македонија ги свикав партиските органи – Извршниот и Централниот комитет на партијата на кои донесовме одлука преку бојкот на референдумот да ѝ покажеме на власта што мисли народот за договорот.
Основата причина за бојкот беше проценката во партијата (подоцна се потврди) дека власта и нејзините странски ментори ќе водат брутална референдумска кампања и оттаму нашиот обид со бојкот да го направиме референдумот неуспешен.
Односно, со недоволната излезност на народот на референдумот да ѝ покажеме на власта дека не го прифаќаме договорот.
Во согласност со одлуките на органите на Единствена Македонија, веднаш покренавме иницијатива за формирање на национален патриотски блок кој ќе води кампања за бојкот на референдумот.
За таа цел, Единствена Македонија изготви Меморандум за стратешка соработка со кој се предвидува формирање Кризен штаб против референдумот кој ќе води јавна кампања за бојкот на референдумот. Кампањата ќе се води под слоганот „Македонија – Бојкотира“.
Првично, на 5 август 2018 година, дваесет и осум организации – партијата Единствена Македонија и македонски здруженија од земјата и странство во хотелот Континентал во Скопје го потпишаа Меморандумот за стратешка соработка за референдумот.
На 5 септември 2018 година во седиштето на Единствена Македонија, Меморандумот го потпишаа уште триесет и шест македонски здруженија од земјата и странство. Девет дена подоцна во седиштето на Единствена Македонија Меморандумот го потпишаа уште 20 македонски патриотски здруженија.
Вкупно 84 организации – партијата Единствена Македонија и 83 македонски здруженија од земјата и странство се здружија во „Македонија – Бојкотира“.
За референдумот имавме две групации кои водеа кампања со спротивставени определби:
Од една страна, референдумската кампања во организација на власта на Заев под слоганот „Излези за Европска Македонија“ со повик до народот на голема излезност со агитирање „ЗА“ референдумот и промена на името.
Од друга страна, референдумската кампања на националниот блок предводен од партијата Единствена Македонија под слоганот „Македонија – Бојкотира“ со повик до народот на бојкот и неизлегување на референдумот.
Кампањата за референдумот на 30 септември 2018 година траеше дваесет дена и се одликува со следните карактеристики.
Кампањата на власта ја карактеризираа притисоци и уцени врз вработените во администрацијата, примателите на социјална помош и слично, митинзи на кои луѓето се носеа со автобуси во различни места, власта самата на себе си додели од буџетот 3,5 милиони евра за кампања, на денот на гласањето полнење на избирачките кутии во местата каде живее албанското малцинство во земјата, целосна контрола врз медиумите и медиумска промоција само на кампањата на власта како и силна поддршка за власта од странски политичари кои недозволиво се вмешаа во референдумската кампања.
Пред гласањето на референдумот, во Македонија лично дојдоа да агитираат германската канцеларка Ангела Меркел, англиската премиерка Тереза Меј, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, еврокомесарите Фредерика Могерини и Јоханес Хан, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и повеќе министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Заедничко за сите нив е непримерното оцрнување и ширењето на лажни приказни за предводникот на „Македонија – Бојкотира“, партијата Единствена Македонија и за мене лично како претседател на Единствена Македонија за наводни руски пари и руско мешање во Македонија. Се разбира, сето ова беше смислена кампања на власта и нејзините странски ментори од Запад кои се определија за кампања на антируска основа.
Кампањата на „Македонија – Бојкотира“ ја карактеризираа целосната блокада од медиумите и силната теренска работа со посета на секое поголемо населено место и разговори „очи во очи“ со народот зошто треба да се бојкотира референдумот. Остана особено впечатливо кај народот брендираниот автобус, со кој, во дваесетдневната кампања ги посетувавме населените места низ државата поминувајќи околу десет илјади километри.
Во скромната кампања беа потрошени околу 20 илјади евра од кои десет илјади евра дојдоа како помош од нашинците од Австралија и Канада, а останатите беа дел од мене и дел партиски средства на Единствена Македонија.
Власта си додели 3,5 милиони евра од Буџетот за финансирање само на својата кампања третирајќи го Буџетот како нејзина приватна сопственост иако кога станува збор за буџетски (народни) пари требаше или јавната кампања на двете страни да се финансира од буџетот, или и на двете страни да не им се дозволат буџетски средства.
Иако власта ја имаше моќта, медиумите и парите, ние ги победиме во оваа битка за Македонија бидејќи го имавме најсилниот аргумент: поголем дел од македонскиот народ и државјаните не сакаат промена на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.
Останува запишано од најкомпетентно место – Државната изборна комисија која прогласи дека референдумот не успеа.
Неуспешниот референдум на кој избирачите преку бојкот кажаа „НЕ“ за промена на името, има историско значење за македонскиот народ и свое формално значење доколку се поведе постапка за поништување на договорот.
Референдумот беше неуспешен и одлуката на референдумот не е усвоена, но власта во Македонија ја погази волјата на народот со целосното игнорирање на референдумскиот резултат. Власта наместо да ја прогласи неважноста на Договорот поради неуспешниот референдум, го направи спротивното.
По неуспешниот референдум започна постапка за промена на Уставот, со цел, одредбите од Договорот да се вградат во Уставот. Но, и тука власта употреби недозволиво однесување. Имено, настана вистинска драма во трката на власта да обезбеди двотретинско мнозинство потребно за промена на Уставот, односно 81 пратеници.
На крај, власта успеа со закани и пазарење да обезбеди осум опозициски пратениции од кои еден дел беа амнестирани од кривичен прогон, а беа амнестирани и нивни блиски семејни лица претходно обвинети за сериозни кривични дела, со што, власта обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени. Овие 8 пратеници денеска во Македонија се вечно жигосани како национални предавници кои пребегаа од својата партија и подлегнаа на заканите и пазарењето.
Насилната промена на Уставот останаа без реакција од ЕУ иако устите на бирократите од Брисел се полни со демократија, човекови права, владеење на правото. Дури, еврокомесарот Јоханес Хан беше брутално искрен во една изјава дека на Балканот е нормално работите да се решаваат на ваков (каубојски) начин.
На ваквото национално злосторство врз македонскиот народ се спротивстави Националниот блок „Македонија – Бојкотира“, кој по референдумот водеше кампања и против уставните измени со преименувањето во „Македонија – Блокира“ предводено од партијата Единствена Македонија.
Севкупно, „Македонија – Бојкотира“/„Македонија – Блокира“ водеше голема битка против антимакедонското поведение на власта. Периодот од јуни 2018 до јануари 2019 го поминавме во секојдневни протести и блокади пред Собранието на Република Македонија, по улиците и плоштадите на главниот град Скопје и останатите градови низ Македонија, протести пред домови на собраниски пратеници, блокада на гранични премини…
Да резимирам, битката за референдумот одржан на 30 септември 2018 година заврши успешно. Народот го прифати повикот од Националниот блок „Македонија – Бојкотира“ каде членуваа 84 организации предводен од политичката партија Единствена Македонија.
Сè уште ми се свежи сликите од нашата седуммесечна борба во тешки временски услови и аманетот што го добивав од големиот број Македонци и Македонки на протестите, дека битката за Македонија и Македонците не смее да престане и после промена на Уставот. Како претседател на Единствена Македонија во моите говори на протестите се зареков пред македонскиот народ дека битката продолжува, бидејќи ние како Македонци немаме повеќе што да изгубиме.
За крај, колку за илустрација, еден краток извадок од моите околу стотина говори на протестите:
Почитувани браќа Македонци и сестри Македонки,
Почитувани државјани на Република Македонија,
… давам збор, ветувам дека нема да ја предадеме Македонија, нашата земја, нашата татковина. Нашата партија Единствена Македонија никогаш нема да ја предаде крвта на илјадници Македонци и Македонки кои ја пролеаја за нашата горда Македонија. Никогаш нема да го предадеме името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ. Кажувам директно и јасно – ние во Единствена Македонија сме во политиката да ги одбраниме македонските интереси. Македонија е нашиот дом, онака како што се бориме за нашите домови се бориме и за Македонија. Ова не е битка за власт, ова не е битка за Јанко Бачев, јас сум небитен, ова не е битка на индивидуалци и лидери. Тоа е минлива категорија, ова е битка за опстанок на цел еден народ, ова е битка за Македонија. Битка која само заедно можеме да ја победиме. Марионетската власт во Скопје во спрега со своите странски газди привремено нè оддалечува од нашиот идеал да бидеме свои на своето, но на крај Македонија ќе победи. Да ги збиеме редовите. Рамо до рамо, срце до срце, рака за рака. Сплотени и единствени ништо не ни можат. Сите заедно, старо, младо, машко и женско на нозе се креваме. Нашата борба е исправна. Ние се бориме да останеме свои на своето, нашата борба е света должност…
Партијата Единствена Македонија и Националниот блок „Македонија – Бојкотира“/„Македонија – Блокира“, за референдумот успеа, но за спречување на промена на Уставот не успеа. За партијата Единствена Македонија и за мене лично како претседател на партијата нема дилема. Договорот меѓу Македонија и Грција мора да биде поништен. Битката за Македонија и Македонците продолжува…



