СЛУЧАЈОТ ПУЛС: 49 РОЧИШТА БЕЗ НИТУ ЕДНО ОДЛОЖУВАЊЕ Од 1 октомври одбраната со 244 сведоци

Обвинителството заврши со доказите, досега изведени 1.390 материјални докази и сослушани 45 сведоци и пет вешти лица.

СЛУЧАЈОТ ПУЛС: 49 РОЧИШТА БЕЗ НИТУ ЕДНО ОДЛОЖУВАЊЕ Од 1 октомври одбраната со 244 сведоци
Фото: Национал

Од почетокот на судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, не е одложено ниту едно рочиште. Досега се одржани вкупно 49 рочишта, од кои 40 во текот на годинава. До крајот на 2026 година се закажани уште 15 рочишта, информираа денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

На 14 септември заврши изведувањето на доказите предложени од Јавното обвинителство. Во досегашната постапка се изведени 1.390 материјални докази, а биле сослушани 45 сведоци и пет вешти лица. Од 1 октомври судењето продолжува со изведување на доказите на одбраната, која најавила сослушување на 244 сведоци.

На брифингот беше отворено и прашањето за притворот на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко, кој законски истекува на 3 октомври. Одбраната најавила дека ќе поднесе гаранција во имот вреден речиси 200 илјади евра, иако тоа, како што беше посочено, не е задолжително. Од Судот информираа дека за одлуката е потребно мислење од Обвинителството.

„До денеска не се вратени од ОЈО. Нема мислење и ние не можеме да одлучиме. На 3 октомври истекува. Ќе почекаме до петок“, информираа од Кривичниот суд.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска. Обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Случајот е една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија, а судската постапка продолжува со изведување на доказите на одбраната.

CATEGORIES
Share This