ВРАБОТЕНИТЕ МАЈКИ ЌЕ ДОБИВААТ 100% ПОВРАТ НА ДАНОКОТ Еве колку долго за прво, второ и трето дете
За првородено 12 месеци, за второродено 24 месеци, а за третородено - до 18 години

Целосен поврат на платениот персонален данок за вработените мајки на прво, второ и трето дете, како и модернизација на системот за јавни набавки преку дигитални алатки и вештачка интелигенција, предвидуваат два законски предлога што се на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Со предложените измени на Законот за данокот на личен доход се предвидува вработените мајки да добиваат 100 проценти поврат на платениот персонален данок од плата, а времетраењето на мерката ќе зависи од редоследот на раѓање на детето.
За мајките на првородено дете повратот би важел во период од 12 месеци, за второродено дете во период од 24 месеци, додека за третородено дете би се остварувал до полнолетството, односно до навршување на 18 години.
Според образложението на предлогот, целта е да се зголеми расположливиот доход на семејствата и да се обезбеди дополнителна финансиска поддршка без воведување нови надоместоци или директни исплати од Буџетот. Мерката е насочена и кон поддршка на демографската политика, поттикнување на наталитетот и подобро усогласување на професионалните и семејните обврски.
Промени и во системот за јавни набавки
Вториот законски предлог се однесува на измените на Законот за јавните набавки, со кои се предвидува модернизација на системот за обука и професионално усовршување на службениците.
Наместо досегашната ресертификација со повторно полагање испит, се предлага воведување континуирано професионално усовршување, со цел постојано надградување на знаењата и вештините на службениците.
Предвидено е и проширување на надлежностите на Бирото за јавни набавки во делот на дигиталните алатки и примената на вештачката интелигенција, со цел подобрување на постапките, унапредување на контролата и намалување на ризиците од корупција.
Предложените измени опфаќаат и нови механизми за размена на податоци и зголемување на транспарентноста во постапките за јавни набавки.
Двата законски предлога треба да бидат разгледани од собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде што ќе се разгледуваат предложените решенија и нивните образложенија.

