МИЦКОСКИ ДО СДСМ Вие броевте 50, нашата делегација беше двојно помала

Премиерот ги отфрли критиките за бројноста на делегацијата и објасни зошто повеќе министри присуствувале на различни настани.

МИЦКОСКИ ДО СДСМ Вие броевте 50, нашата делегација беше двојно помала
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата од СДСМ за бројноста на владината делегација во Њујорк, посочувајќи дека во времето на владите на СДСМ и ДУИ делегациите биле значително побројни.

Говорејќи во емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“, Мицкоски рече дека критиките се резултат на тоа што претходните влади испраќале многу поголеми делегации.

„Тоа е Фројд, бидејќи тие оделе така и сега мислат дека сите одат така“, рече Мицкоски.

Тој додава дека за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк во еден период присуствувале и тогашниот претседател Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, тогаш делегациите можеле да бројат и околу 50 лица, додека актуелната делегација била значително помала од таа бројка, можеби и помалку од половина.

Мицкоски објасни дека учеството на повеќе членови на Владата било поврзано со различните активности и настани што се одржувале паралелно со Генералното собрание на ОН.

„На една група настани беше министерот Сали, на друга група настани беше министерот Муцунски. Паралелно со ова се одвиваа и економски настани настрана од Генералното собрание на Обединетите нации, па беше дојдена и министерката за финансии“, посочи премиерот.

Мицкоски нагласи дека Генералното собрание на ОН е значаен меѓународен настан кој се одржува еднаш годишно и за кој, според него, е потребна соодветна логистика и присуство на повеќе претставници на Владата.

CATEGORIES
Share This