МУЦУНСКИ: Една земја го држи во заложништво целиот процес на евроинтеграција
„Нема услови за уставни измени во овој момент - мора да има сигурност дека процесот нема повторно да биде блокиран“

Решение со Бугарија што ќе обезбеди предвидливост и сигурност во процесот на евроинтеграција е целта на Владата, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во телевизиско гостување.
Муцунски посочи дека постои интерес од европските институции и од дел од земјите членки на ЕУ да помогнат во засилување на меѓусебниот ангажман и создавање простор за разговор.
„Нашите позиции се апсолутно јасни – во овој момент нема услови за уставни измени поради начинот на кој Бугарија се позиционира“, рече Муцунски.
Според него, потребно е да продолжи дијалогот, иако за одредени прашања, како што нагласи, „не може да се разговара“. Сепак, смета дека постои простор за креативен пристап.
„Доколку има волја од соседна Бугарија, може да се дојде до решение. Имаме обврска да работиме и да најдеме решение“, изјави министерот.
Муцунски информираше дека за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк немало можност за директна средба со бугарски претставници, но оти комуникацијата меѓу двете страни продолжува.
„Црвена линија“ е предвидливоста
Министерот нагласи дека од македонска страна нема дилема оти е потребно решение, но дека постои јасна црвена линија и решението мора да обезбеди предвидливост и сигурност во понатамошниот процес.
„Имаме проблем со една земја членка, која го држи во заложништво целиот процес на евроинтеграција на земја која спроведува реформи, која е усогласена со надворешната политика на ЕУ и е стратешки определена“, рече Муцунски.
Тој оцени дека доколку европските институции и земјите членки сакаат напредок на Македонија, треба да помогнат да се најде решение.
Муцунски посочи и на разликата во позициите околу условите за продолжување на европскиот пат.
„Европската Унија и 26 земји членки ни велат дека единствениот предуслов се уставните измени. Една земја членка ни вели: има многу повеќе“, изјави министерот, алудирајќи на позицијата на Бугарија дека треба да се спроведе предлогот од 2022 година.

