ОПШТИНА БЕЗ ИНСПЕКЦИЈА Законот остава празнина

Во една општина инспекција има, во друга – не: граѓаните зависат од парите, кадрите и волјата на локалната власт

ОПШТИНА БЕЗ ИНСПЕКЦИЈА Законот остава празнина
Фото: Принтскрин

Во една општина може да има инспекциска служба, а во друга воопшто да нема. Токму ова е еден од клучните проблеми со локалниот инспекциски надзор во земјава, покажува анализа на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при УКИМ.

Општините имаат право да организираат инспекциски служби, но немаат законска обврска да го направат тоа. Тоа значи дека ефикасноста на контролата може да зависи од финансиските и кадровските капацитети на локалната власт.

Локалните инспектори контролираат области што директно го засегаат секојдневието на граѓаните – дивоградби, комунален ред, животна средина, транспорт, образование и други дејности.

ИСППИ предлага државата со закон да утврди кои инспекциски служби мора да ги има секоја општина, меѓу кои градежна, комунална, образовна, еколошка, транспортна и инспекција за заштита и спасување. За помалите општини се предлага и државна поддршка, како и можност за формирање заеднички инспекциски служби.

Законот дозволува, во одредени случаи, државен инспектор привремено да ја преземе контролата ако општината нема инспектор или не постапува, но ова решение е ограничено на една година и трошоците ги сноси општината.

Анализата посочува проблеми и со статусот и условите за работа на инспекторите. Со Законот за инспекциски надзор од 2025 година лиценцата е укината како услов, а инспекторите сега полагаат испит и добиваат потврда. ИСППИ смета дека треба повторно да се разгледа прашањето за лиценцирање и стручната оспособеност, особено за сложените области.

Дополнително, статусот на инспекторите е регулиран со три различни закони, што може да создава нејасности околу нивните права, обврски и напредувањето во кариерата. Како можно решение се предлага посебен закон за инспекторите.

ИСППИ предлага и подобра координација меѓу државните и локалните инспекции, заеднички контроли и поврзување на инспекциите преку единствен дигитален систем. Во него би се евидентирале контролите, наодите и преземените мерки, со што полесно би се откривале и преклопувања, но и областите во кои нема доволен инспекциски надзор.

Анализата е изработена во рамките на проектот „Локалните инспектори под лупа“.

CATEGORIES
Share This