ГО СМЕНИВМЕ ИМЕТО, ЗНАМЕТО И УСТАВОТ Сиљановска со остар настап за европскиот пат

Претседателката од Салцбург порача: „Европа мора да биде похрабра и поконзистентна“.

ГО СМЕНИВМЕ ИМЕТО, ЗНАМЕТО И УСТАВОТ Сиљановска со остар настап за европскиот пат
Фото: Принтскрин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска, во рамките на 22. Европски самит во Салцбург, се обрати на сесијата „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“, каде говореше за иднината на европскиот проект, геополитичките предизвици и потребата од забрзување на европската интеграција на Западен Балкан.

Таа порача дека проширувањето на Европската Унија не е само политика кон земјите кандидати, туку и тест за способноста на самата Унија да дејствува стратешки и да ја зајакне својата геополитичка улога.

21 ГОДИНА КАНДИДАТ, 17 ПОЗИТИВНИ ИЗВЕШТАИ

Осврнувајќи се на европскиот пат на Македонија, Сиљановска-Давкова потсети дека од 35 години независност, 21 година земјата има статус на кандидат за членство во ЕУ.

Таа посочи на 17 позитивни извештаи за почеток на преговорите, висок степен на усогласување со европското законодавство и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика. Според неа, Македонија е меѓу најуспешните земји во европските реформи и во спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан.

„НИТУ ЕДНА ЕВРОПСКА ДРЖАВА НЕ ПОНЕЛА ТОЛКУ ТЕЖОК ТОВАР“

Претседателката оцени дека Македонија во процесот на евроинтеграцијата направила отстапки какви што, според неа, не биле барани од други европски држави.

„Ниту една европска држава на својот интегративен пат не понела толку тежок товар: го променивме државното знаме, уставното име и усвоивме 36 уставни измени, најголем дел диктирани од надвор“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа оцени дека условувањето на уставни промени со билатерални историски прашања отвора прашања за доследноста на европските принципи.

„Принудувањето на една држава да ја менува својата внатрешна правна структура за да се разреши историски спор отвора сериозно прашање за доследноста на европските принципи“, истакна претседателката.

„КОГА НАПРЕДОКОТ НЕ ЗАВИСИ ОД РЕФОРМИТЕ, ПРОЦЕСОТ ЈА ГУБИ КРЕДИБИЛНОСТА“

Според Сиљановска-Давкова, проширувањето сè почесто станува предмет на билатерални спорови кои не се дел од Копенхагенските критериуми.

„Кога напредокот не зависи од самите реформи, процесот ја губи својата кредибилност. Тоа веќе не е само проблем на кандидатите, туку институционален проблем за самата ЕУ“, порача таа.

Претседателката нагласи дека кредибилната перспектива за членство е особено важна за стабилноста на Западен Балкан, особено во услови на зголемени геополитички тензии и засилено влијание на други меѓународни актери.

„ОДЛАГАЊЕТО НА ПРОШИРУВАЊЕТО ЈА ДЕМОНСТРИРА НЕМОЌТА НА ЕУ“

Сиљановска-Давкова посочи на, како што го оцени, несразмерот меѓу амбицијата на ЕУ да биде глобален фактор и долготрајноста на процесот на интеграција на Западниот Балкан.

„Додека со понудите за асоцијативно членство за прекуокеански држави Унијата декларира амбиција за глобална моќ, со одлагањето на сопственото проширување таа практично демонстрира немоќ“, истакна таа.

Според неа, проширувањето треба да се гледа како стратешка инвестиција во геополитичкиот капацитет на самата Европска Унија.

ТРИ ПРОМЕНИ ЗА ИДНИОТ МОДЕЛ НА ПРОШИРУВАЊЕ

Во обраќањето Сиљановска-Давкова издвои три промени за кои смета дека се неопходни.

Прво, според неа, мора да се заштити принципот на напредување според заслуги, односно земја што ги исполнува објективните критериуми да не може да биде блокирана поради прашање што не е дел од европските критериуми.

Второ, членството не треба да создава Европа од „прв и втор ред“. Заштитните механизми, според неа, можат да бидат легитимни, но треба да бидат објективни, пропорционални и временски ограничени.

Трето, постепената интеграција во одредени европски политики и сектори може да донесе конкретни придобивки и пред полноправното членство, но само доколку претставува чекор кон членство, а не негова трајна замена.

„ЕВРОПА МОРА ДА БИДЕ ПОХРАБРА И ПОКОНЗИСТЕНТНА“

На крајот, Сиљановска-Давкова порача дека доколку ЕУ сака поголема геополитичка тежина, мора да има поефикасен и попредвидлив процес на проширување.

„Ако сака поголема геополитичка тежина, Европа мора да биде похрабра и поконзистентна: помалку непредвидливост, повеќе меритократија; помалку патернализам, повеќе вистинско партнерство“, истакна претседателката.

Според неа, реформата на политиката на проширување не треба да се гледа како услуга за Западен Балкан, туку како инвестиција во идниот геополитички капацитет на Европската Унија.

CATEGORIES
Share This