ТОТАЛНА ШИЗОФРЕНИЈА Мала група пучисти со сите сателити на Мицкоски на една маса
Филипче оцени дека СДСМ продолжува со консолидацијата и подготовката на политики, нагласувајќи дека партијата, како што рече, останува носител на опозициското дејствување.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека група поранешни партиски функционери, заедно со претставници на ЛДП, ЗНАМ и Левица, дејствуваат за ослабување на СДСМ и ги нарече „сателити на Христијан Мицкоски“.
Филипче на прес-конференција посочи дека поранешните функционери, како што рече, една година работат против партијата, шират „невистини, клевети и лаги“, а сега излегуваат во јавноста во момент кога СДСМ отвора прашања за политиките и работата на власта.
Особено ја критикуваше нивната средба со претставници на Левица, за која рече дека има спротивни вредносни политики од СДСМ и отворено соработува со Русија и Кина. Тој потсети и на протестниот транспарент против НАТО истакнат во Собранието за време на посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Тоа ли се нивните принципи и вредносни политики? Оваа партија дала заменик генерален секретар на НАТО, а тие седат со луѓето кои во Собрание држеа транспарент дека НАТО е убиец“, рече Филипче.
Според него, активностите на оваа група имаат цел да го дефокусираат вниманието од темите што ги отвора СДСМ, меѓу кои плановите за дата-центри и нови рудници, задолжувањето, состојбата во земјоделството, економските политики, минималната плата и пензиите.
Филипче оцени дека СДСМ продолжува со консолидацијата и подготовката на политики, нагласувајќи дека партијата, како што рече, останува носител на опозициското дејствување.
„Ќе стоиме и ќе се бориме и за граѓаните, и за државата, и за СДСМ“, порача Филипче.

