АЈЗЕНКОТ УДРИ ПО НЕТАНЈАХУ Патолошки лажго, можеби има и предавство
Главниот ривал на израелскиот премиер тврди дека Нетанјаху знаел за предупредувањата пред 7 октомври и ја спречува истрагата за катастрофалните пропусти.

Лидерот на новоформираната партија „Јашар“ и еден од главните ривали на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на општите избори следниот месец, Гади Ајзенкот, го нарече премиерот „патолошки лажго“ и го обвини дека можеби извршил „предавство“ поради исплатите од Катар кон Газа во годините пред нападот на 7 октомври 2023 година.
Ајзенкот, поранешен началник на Генералштабот на израелските вооружени сили, во интервју за Канал 12 изјави дека Нетанјаху ја знаел вистината за предупредувањата дека Хамас се подготвува за голем напад.
Коментарот уследи по серија извештаи според кои израелскиот премиер бил предупреден од лидерот на Обединетите Арапски Емирати и од шефот на египетската разузнавачка служба за активностите на Хамас.
Според Ајзенкот, токму поради тоа Нетанјаху го спречува формирањето државна комисија која би ја истражила одговорноста за пропустите што му претходеа на нападот од 7 октомври.
Поранешниот началник на Генералштабот го критикуваше Нетанјаху и за начинот на кој се водат последователните воени операции против Хамас во Газа и Хезболах во Либан.
Ајзенкот оцени дека ниту една од двете милитантни организации не е поразена, и покрај повеќекратните ветувања на Нетанјаху за постигнување „целосна победа“.
Изјавите на Ајзенкот ги пренесе „Тајмс оф Израел“.

