ЦРН БИЛАНС ОД ГАЗА Над 74.000 Палестинци загинаа во војната
Министерството за здравство во Газа пријави и повеќе од 175.000 ранети, а 1.145 лица загинале по прекинот на огнот.

Бројот на загинати Палестинци во Појасот Газа од почетокот на конфликтот меѓу Хамас и Израел достигна 74.016, соопшти денеска Министерството за здравство во Газа.
Според податоците на министерството, кое функционира под администрација на Хамас, досега се регистрирани и 175.068 ранети лица, пренесува Асошиејтед прес.
Од воспоставувањето на прекинот на огнот во октомври минатата година, според истите податоци, загинале уште 1.145 Палестинци.
Конфликтот започна на 7 октомври 2023 година, кога припадници на Хамас и други вооружени групи извршија напад врз Израел. Во нападот беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а 251 лице беше земено како заложник.
Израел потоа започна воена операција во Појасот Газа. Иако беше воспоставен прекин на огнот, израелските сили продолжија со одделни напади во Газа, при што израелската војска соопштува дека мети биле припадници на Хамас кои, според неа, претставувале закана за безбедноста на Израел.
Бројките за жртвите во Газа се соопштуваат од Министерството за здравство во Газа, кое е под администрација на Хамас, а независната проверка на вкупниот број жртви е ограничена поради условите во кои се одвива конфликтот.

