СКОПЈЕ ГО ЧЕКА ФУДБАЛСКИОТ СПЕКТАКЛ Македонија тргнува на Швајцарија

„Тодор Проески“ се подготвува за големата пресметка - Седлоски, Барди и Елмас најавуваат борба за позитивен резултат

СКОПЈЕ ГО ЧЕКА ФУДБАЛСКИОТ СПЕКТАКЛ Македонија тргнува на Швајцарија
Фото: Принтскрин

Македонската фудбалска репрезентација ги привршува подготовките за саботниот дуел со Швајцарија, со кој го отвора новиот циклус во Лигата на нации и првата сезона во Лига Б.

Натпреварот ќе се игра од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, а во групата Б1, покрај Швајцарија, Македонија ќе се соочи и со Словенија и Шкотска.

Селекторот Гоце Седлоски е задоволен од подготовките и од пристапот на репрезентативците.

„Од сите играчи сум презадоволен. Сите четири тренинзи ги одработија максимално. Знаеме каков ростер има Швајцарија, но сакам да размислуваме пред сè за нас. Сите се здрави и тренираат добро, освен Николов кој нема да настапи. Со помош на публиката верувам дека можеме до позитивен резултат“, изјави Седлоски.

Барди: „Ова е нашиот дом“

По подолга пауза, Македонија повторно ќе игра домашен натпревар, а капитенот Енис Барди очекува полните трибини да бидат значаен фактор.

„Имаме одлична атмосфера и подготвени сме за максимум. Очекуваме голема поддршка од навивачите. Играме во Скопје, ова е нашиот дом и треба да го покажеме нашиот идентитет. Свесни сме дека пред нас е тежок натпревар“, порача Барди.

Во репрезентацијата има и неколку млади фудбалери кои за првпат се дел од националниот тим. Според Барди, новите играчи се добро прифатени и носат дополнителна енергија во тимот.

Елмас: „Ќе излеземе по позитивен резултат“

Еден од лидерите на селекцијата, Елиф Елмас, очекува исклучително тежок натпревар против швајцарскиот состав.

„Играме против моќна репрезентација и четвртфиналист на Мундијалот, но ние сме подготвени и ќе излеземе по позитивен резултат. За секој фудбалер е чест да го носи дресот на репрезентацијата“, истакна Елмас.

Швајцарија во Скопје доаѓа по настапот на Светското првенство во 2026 година, каде што стигна до четвртфиналето. Селекцијата на Мурат Јакин располага со голем број искусни и квалитетни фудбалери, иако ќе настапи без неколку играчи.

Македонија – Швајцарија, сабота, 20:45 часот, Национална арена „Тодор Проески“.

CATEGORIES
Share This