МИЦКОСКИ И ВУЧИЌ ВО ЊУЈОРК Што договорија лидерите за регионот и нова соработка
Македонскиот премиер и српскиот претседател разговарале за состојбите на Западен Балкан, регионалното поврзување и заедничките интереси.

Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ, при што во фокусот на разговорите биле актуелните состојби во регионот, добрососедските односи и можностите за унапредување на соработката меѓу Северна Македонија и Србија.
Средбата се одржа во рамки на дипломатските активности на Мицкоски на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Остварив средба со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ“, објави Мицкоски.
Како што информира премиерот, со Вучиќ разговарале за регионалните состојби, значењето на добрососедските односи, заедничките интереси и можностите за продлабочување на соработката.
Посебен акцент бил ставен на регионалното поврзување, кое, според Мицкоски, може да придонесе за економски развој, стабилност и просперитет на земјите од Западен Балкан.
„Продолжуваме со отворен дијалог и конструктивна соработка во насока на јакнење на регионалното поврзување и европската перспектива на Западен Балкан“, порача Мицкоски.
Средбата со Вучиќ е дел од серијата дипломатски активности на македонскиот премиер во Њујорк, каде меѓу главните теми се европската интеграција, регионалната соработка и безбедноста на Западен Балкан.

