ТРАМП ПОВТОРНО ЗАКАНИ СО БОМБИ ВРЗ ИРАН „Маунт Пикекс“ може да летне во воздух
Само минути претходно тврдеше дека иранската нуклеарна закана е „веќе завршена“.

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предупреди дека САД би можеле да го нападнат иранскиот комплекс „Маунт Пикекс“, утврден подземен објект во близина на нуклеарниот комплекс во Натанз, за кој постојат сомневања дека е поврзан со иранската нуклеарна програма.
Трамп и претходно изјавуваше дека Вашингтон би можел да го нападне објектот доколку се утврди дека таму се одвиваат активности поврзани со развојот на иранската нуклеарна програма. На почетокот на септември тој рече дека е забележана активност на локацијата и го предупреди Техеран да биде внимателен.
„Можеби ќе мора да дигнеме во воздух друг објект, Маунт Пикекс. Не гледаме многу активност таму, но ако видиме, веднаш ќе го дигнеме во воздух“, изјави Трамп за време на состанокот со лидерите на земјите од Заливот во рамки на Генералното собрание на ОН.
Контрадикторна порака за иранската нуклеарна програма
Сепак, само минута или две претходно, според Си-Ен-Ен, Трамп изјавил дека напорите на Иран за развој на нуклеарно оружје се „завршени“.
„Исто така, бевме во близок контакт оваа година додека се обидувавме да решиме уште еден долгогодишен предизвик на Блискиот Исток, а тоа е стремежот на иранскиот режим кон нуклеарно оружје и нуклеарна бомба. И нема да дозволиме тоа да се случи. Тоа е веќе завршено. Тој аспект, според мене, е веќе завршен“, рече американскиот претседател.

