ПАЛЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ НА „ТИКТОК“ РАСЧИСТЕНО Полицијата го пронајде авторот, вмешани уште три малолетници

Малолетник од Тетово го признал делото, полицијата го обезбедила телефонот од кој било објавено видеото.

ПАЛЕЊЕТО НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ НА „ТИКТОК“ РАСЧИСТЕНО Полицијата го пронајде авторот, вмешани уште три малолетници
Фото: Принтскрин

СВР Тетово го расчисти случајот со видео објавено на социјалната мрежа „ТикТок“, на кое се гледа палење на македонското знаме. Полицијата утврди дека зад профилот стои малолетно лице под 14-годишна возраст од Тетово.

Од МВР информираат дека видеото било детектирано на 22 септември 2026 година, при мониторинг на социјалните мрежи. Според полицијата, со објавената содржина било сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“, предвидено во член 319 став 1 од Кривичниот законик.

По преземените оперативни мерки, на 23 септември бил утврден идентитетот на авторот на профилот. Со малолетникот бил извршен службен разговор во полициските простории, во присуство на родител и претставници од Центарот за социјална работа Тетово.

Според МВР, малолетникот го признал делото, а со согласност на родителот бил обезбеден мобилниот телефон од кој било објавено видеото, за потребите на постапката и фотодокументирањето на доказите.

Во текот на разговорот, малолетникот посочил уште три малолетни лица кои, според неговите наводи, учествувале во настанот. Тие дополнително ќе бидат повикани во полициска станица со цел целосно расчистување и документирање на случајот.

По завршувањето на постапката и целосното документирање на предметот, до надлежното Основно јавно обвинителство Тетово ќе биде поднесен соодветен поднесок, соопшти МВР.

CATEGORIES
Share This