МИЦКОСКИ ВО ЊУЈОРК Средба со Калас, пораки за Балканот и европската иднина

Премиерот со лидерите од Западен Балкан разговараше за регионалните предизвици, безбедноста и европската интеграција.

МИЦКОСКИ ВО ЊУЈОРК Средба со Калас, пораки за Балканот и европската иднина
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски, во рамките на учеството на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, оствари средба со високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, заедно со лидерите на земјите од Западен Балкан.

На средбата биле разменети мислења за актуелните регионални предизвици, можностите за продлабочување на соработката и заедничките приоритети насочени кон стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан.

„Остваривме средба со Каја Калас, на која беа разменети мислења за актуелните регионални предизвици, можностите за понатамошно зајакнување на соработката и заедничките приоритети насочени кон стабилен, безбеден и просперитетен регион“, објави Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Во рамките на посетата на Њујорк, македонскиот премиер претходно учествуваше и на состанокот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан.

Мицкоски оствари и билатерални средби со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти.

Покрај тоа, премиерот учествуваше на панел-дискусијата на високо ниво „Reaffirming the promise of peace: using the power we have“, чиј домаќин во Њујорк беше претседателот на Финска, Александар Стуб.

На панелот се разговарало за значењето на мирот и дијалогот, одговорното лидерство, како и улогата на државите и меѓународните институции во справувањето со глобалните предизвици.

Мицкоски воедно оствари разговор и со претседателот Стуб. На средбата било истакнато значењето на почитувањето на меѓународното право, силната мултилатерална соработка и потребата од градење стабилна и безбедна Европа.

„Македонија останува посветен партнер во напорите за мир, стабилност и соработка, како членка на НАТО и земја стратешки определена кон европската интеграција“, напиша Мицкоски.

CATEGORIES
Share This