Политички преглед на денот, среда 23 септември 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Арамијата Заев и 40-те разбојници – епската делегација на СДС во Њујорк
СДС мислат дека сите се како нив, па од таа перспектива се навикнати и ги гледаат работите, па затоа и им смета и официјалната посета на САД на претседателот и премиер, Христијан Мицкоски. Кога СДС збори за некаква армија на Мицкоски, еве ги арамиите на Зоран Заев во посета на Генералното собрание на Обединети нации кога Заев беше премиер, а Венко Филипче министер.
Во таа делегација бил и Венко Филипче како министер за здравство на шетање во Њујорк, Насер Нуредини министер за екологија, Бујар Османи и Нина Ангелова како и сегашниот „независен“ новинар Зоран Бојаровски, советници и вработени во влада. Таму и кучињата по дома ги земале на шетање во САД.
Но, за разлика од тогаш денес нема непотребни членови на делегацијата и нема луксузирање и дополнително, ефектите и придобивките за државата се далеку поголеми. Во рамките на оваа посета се одржаа бројни средби со високи американски државници, меѓу кои и со државниот секретар на САД, Марко Рубио како со заменик-државниот секретар, Кристофер Ландау и бројни конгресмени.
Во рамките на посетата на САД, Претседателот и премиер, Мицкоски вчера учествуваше и достоинствено ја претставуваше Македонија и на отворањето на Генералното собрание на Обединетите нации, што претставува место на кое се носат важни одлуки.
На оваа посета уште еднаш беше потврдено и зацврстено стратешкото пријателство со САД и можностите ова пријателство да се претвори во инвестиции и економски развој.
СДСМ: Тошковски бара ЕУ да нè гледа како другите – ЕУ гледа банда на власт, тоа не е народот
Министерот за полиција излезе пред амбасадори и рече: време е и за нас да важат истите принципи. Правда. Правичност. Реципроцитет. Личен пример во полиција, суд, обвинителство. Тошковски мора да разбере едно. Брисел не го меша народот со ВМРО-ОКГ.
Народот го гледа како народ. Власта ја гледа како организирана криминална група што ги држи институциите. Затоа извештајот е катастрофален токму за мешање во правосудство. Затоа реформите стојат. Затоа вториот рок истече. Затоа Македонија чека во место.
Народот не е бандата. Не смее Тошковски да ги изедначува. ЕУ ги гледа граѓаните исто како граѓаните на другите земји, ама бандата не смее да биде на власт. Бандата не спроведува реформи. Ја узурпира полицијата. Судот. Обвинителството.
Во ЕУ премиерот не поставува обвинител преку телевизор. Не наредува политички прогон од собраниска говорница. Владата не превезува пет тони дрога преку граница. Не поставува луѓе со криминално минато за почесни конзули, па им дава да земаат народни пари за броила. Нема во ЕУ министерка дваесет години во мрежата на Лазаревиќ што бара извинување наместо регистар. Нема премиер што ходникот го продава како самит.
Тошковски зборува за личен пример во институцијата во која е. Неговата институција хиперхлорираше вода во Гостивар и единаесет недели нема извештај. Неговата институција снима „safe city“ додека 5 тони товар минува преку граница. Неговиот бодигард на шефот на бандата излегува без казна. Тоа е личниот пример.
Принципите што ги бара веќе важат за држави каде што полицијата не е партиска, судот не е на телефон, обвинителот не се именува од екран. Затоа ЕУ не нè гледа како нив. Гледа банда на клучевите. Народот го гледа зад бандата. СДСМ е со граѓаните. Патот кон Унијата е слободен суд, слободно обвинителство, граница што одговара, конзул што не ја продава струјата. Не лекција од министер на организирана криминална група.
Кога бандата си оди, ЕУ ќе нè гледа како другите. Дотогаш гледа точно што има: Тошковски, Мицкоски, ВМРО, криминал и корупција.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Скандла на Блаце: Меѓународна потерница, па слободен – Кој го пушти Пушколи?
Единствена Македонија бара итно и целосно расчистување на случајот со Фадиљ Пушколи, сопственик на косовската новинска агенција „КосоваПост“ и поранешен припадник на ОВК, кој бил приведен на граничниот премин „Блаце“ по потерница издадена од Србија, а потоа бил ослободен од македонската полиција.
Случајот отвора низа сериозни прашања за функционирањето на македонските институции и контролата на државната граница.
Ако за Пушколи постоела активна меѓународна потерница, како е можно тој да биде приведен, испрашан и потоа едноставно ослободен? Кој ја донел одлуката?
Јавноста мора да знае дали Пушколи бил регистриран во системите на граничната полиција како лице барано со меѓународна потерница, што точно покажала проверката и врз основа на која правна процедура бил пуштен да продолжи.
Уште поскандалозно е што по ослободувањето Пушколи јавно ѝ се заблагодари на македонската полиција, а посебно на полицајците Албанци, за нивниот однос кон него.
Единствена Македонија го поставува прашањето: дали во Република Македонија законите важат еднакво за сите или припадноста, политичките врски или други околности стануваат поважни од законот?
Никој не бара полицијата да постапува нечовечки или непрофесионално. Напротив, секое лице мора да биде третирано достоинствено и согласно закон.
Но, коректното полициско постапување не значи игнорирање на меѓународна потерница.
Клучното прашање е што направила Република Македонија кога пред себе имала лице за кое постоела меѓународна потерница.
Овој случај не е само прашање на еден патник и еден граничен премин. Тој го засега авторитетот на македонската држава, контролата на нејзината граница и довербата во нејзините институции.
Единствена Македонија бара одговори од МВР и од сите надлежни институции.
Кој го пуштиПушколи?
Кој ја донесе одлуката?
И најважно врз кој законски основ?
Македонската граница мора да биде под контрола на македонските институции, а законот мора да важи еднакво за секого.