ПЕЗЕШКИЈАН МУ ОДГОВОРИ НА ТРАМП ОД ОН Иран нема да клекне

Иранскиот претседател порача дека Техеран е подготвен за дијалог, но не прифаќа преговори под закани и притисок.

ПЕЗЕШКИЈАН МУ ОДГОВОРИ НА ТРАМП ОД ОН Иран нема да клекне
Фото: Принтскрин

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска, во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации, порача дека неговата земја нема да се предаде во конфликтот со САД, но дека Техеран останува подготвен за дипломатија и преговори под услов тие да не се водат под закани и притисок.

Осврнувајќи се на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп, Пезешкијан порача дека зголемениот притисок и санкциите нема да го скршат отпорот на иранскиот народ.

„Трамп мора да знае дека отпорот на иранскиот народ само ќе расте, и покрај санкциите, зголемениот притисок и вознемирувањето“, рече Пезешкијан.

Тој ги отфрли обвинувањата дека Иран претставува извор на тероризам, тврдејќи дека неговата земја била жртва на напади.

„Господинот Трамп и оние кои се обидуваат да нè вознемируваат мора да разберат дека сме подготвени за дијалог, дипломатија и преговори, но без да го прифатиме јазикот на силата“, нагласи иранскиот претседател.

Пезешкијан истакна дека Иран, според неговите зборови, никогаш не бил агресор и никогаш не започнал војна, а истовремено ја обвини меѓународната заедница за двојни стандарди во однос на Израел.

„Нуклеарното оружје е во Израел, но инспекторите се во Иран. Израел убива, но Иран е под санкции“, рече тој.

Зборувајќи за Ормутскиот теснец, Пезешкијан предупреди дека постојаното распоредување странски воени флоти и проширувањето на конфликтот не можат да донесат мир.

Тој порача дека Иран не може да прифати ситуација во која, како што рече, одредени земји имаат слободен пристап до водниот пат, а истовремено го користат за вршење притисок врз Иран и ограничување на неговиот пристап до сопствените води.

Пезешкијан во говорот се осврна и на нападите врз Иран, тврдејќи дека биле погодени училишта, универзитети, болници, здравствени центри, спортски сали и инфраструктура.

„Доаѓам од Иран, земјата каде што нашиот почитуван врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен без никаква законска основа или причина. Доаѓам од Иран каде што беше бомбардирано училиште. Овие деца починаа од бомби и оружје што го користеа САД и Израел. Тие беа невини“, рече тој.

Иранскиот претседател додаде дека, и покрај нападите со современо оружје, иранскиот народ останал непоколеблив.

„Да, тие нè погодија, но ние не клекнавме ниту ги наведнавме главите. Ние возвративме, но не го таргетиравме цивилното население“, нагласи Пезешкијан.

Во продолжение, тој зборуваше и за состојбата во Газа, наведувајќи дека десетици илјади цивили се убиени, а стотици илјади се раселени.

„Палестина е отворена рана на совеста на меѓународната заедница. Газа останува симбол на неуспехот на меѓународните механизми за спречување на страдањето на цивилите“, рече Пезешкијан.

Тој оцени дека и покрај усвоените резолуции, насилството и окупацијата продолжиле.

Пезешкијан порача дека регионалните конфликти треба да се решаваат од земјите во самиот регион, без мешање на надворешни сили.

„Нашите регионални прашања мора да се решат во самиот регион, од земјите од тој регион, без да се претворат во играчка во рацете на надворешни агресори“, заклучи иранскиот претседател.

CATEGORIES
Share This