БОЖИНОВСКА СО ПОРАКА ДО ИНВЕСТИТОРИТЕ Вратата е отворена, но правилата важат за сите
Министерката најави повеќе ред во развојот на соларните капацитети и посилна енергетска мрежа/

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ја отвори петтата Годишна соларна конференција, во организација на Македонската соларна асоцијација – Солар Македонија, на која учествуваат компании, инвеститори и експерти од областа на обновливите извори на енергија.
Во обраќањето, Божиновска порача дека соларната енергија повеќе не е прашање на иднината, туку реалност на македонскиот енергетски систем. Според неа, следната фаза од развојот на обновливите извори мора да биде проследена со повеќе планирање, ред и предвидливост.
„Не можеме да градиме обновливи капацитети побрзо од она што мрежата може безбедно да го прими. Со новата регулатива и годишните планови Македонија создава предвидлив амбиент за инвестиции и сигурен енергетски систем“, истакна Божиновска.
Таа нагласи дека новата законска рамка за енергетика и обновливи извори треба да обезбеди пофер услови за инвеститорите, но и поголема заштита на стабилноста на енергетскиот систем.
Како особено значаен механизам ги посочи годишните планови за развој на енергетската инфраструктура. Со нив однапред ќе се утврдува каде, кога и какви нови енергетски капацитети може да се развиваат, во зависност од реалните можности на мрежата.
„Сакаме да ставиме крај на пристапот ‘прво да изградиме, па потоа да бараме решение за мрежата’. Паралелно со новите соларни и ветерни капацитети, Министерството работи на зајакнување и дигитализација на преносната и дистрибутивната мрежа, како и на развојот на батериското складирање“, рече министерката.
Божиновска додаде дека иднината на обновливите извори не зависи само од количината на произведена енергија, туку и од начинот на кој таа се користи и складира.
Таа посочи и дека Македонија се подготвува за новите енергетски технологии. Во таа насока, во тек е подготовка на првата сеопфатна Водородна студија, а при планирањето на новата инфраструктура се зема предвид и можноста за користење на зелениот водород.
Како пример го посочи гасниот интерконектор со Грција, кој е проектиран со можност за иден транспорт на зелен водород.
Министерката упати порака и до инвеститорите дека државата останува отворена за нови инвестиции во енергетиката, но дека тие мора да се реализираат според јасни и еднакви правила.
„Вратата е отворена, но правилата мора да бидат јасни и еднакви за сите. Нашата задача е да создадеме систем во кој добрата инвестиција има сигурност, државата има контрола врз својот енергетски систем, а граѓаните добиваат сигурна и достапна енергија“, порача Божиновска.

