ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА ДО ОХРИД Филмот „Македонецот“ ја отвора болната приказна за децата-бегалци

„Патување кон корените“ утре во Охрид - документарен филм и изложба за трагичната семејна приказна на Мито Алексовски

ОД ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА ДО ОХРИД Филмот „Македонецот“ ја отвора болната приказна за децата-бегалци
Фото: Принтскрин

Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид утре, четврток, 24 септември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи културниот настан „Патување кон корените“.

Настанот е авторски проект на режисерот Петро Алексовски од Полска, а се реализира во организација на Амбасадата на Република Полска во Македонија и НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид. Влезот е бесплатен.

Во рамки на програмата се предвидени обраќања на претставник на Полската амбасада, претставник на Општина Охрид и режисерот Петро Алексовски.

Централниот дел од вечерта ќе биде проекцијата на документарниот филм „Македонецот“, создаден според вистинската животна приказна на таткото на режисерот, Мито Алексовски, кој бил дете-бегалец од Егејска Македонија.

По филмската проекција, посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат и придружната изложба „Мајко мила“.

Филмот и изложбата отвораат простор за сведоштво за личната и семејната историја, сеќавањето и трагите што ги оставаат историските настани врз генерациите.

Ве покануваме на 24 септември во 19:00 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид да бидете дел од „Патување кон корените“.

Трејлерот за документарниот филм „Македонецот“ може да се погледне на видеото.

CATEGORIES
Share This