СКАНДАЛ НА БЛАЦЕ Меѓународна потерница, па слободен – Кој го пушти Пушколи?
Единствена Македонија бара одговор: кој ја донесе одлуката и врз кој законски основ Пушколи бил пуштен?

Единствена Македонија бара итно и целосно расчистување на случајот со Фадиљ Пушколи, сопственик на косовската новинска агенција „КосоваПост“ и поранешен припадник на ОВК, кој бил приведен на граничниот премин „Блаце“ по потерница издадена од Србија, а потоа бил ослободен од македонската полиција.
Случајот отвора низа сериозни прашања за функционирањето на македонските институции и контролата на државната граница.
Ако за Пушколи постоела активна меѓународна потерница, како е можно тој да биде приведен, испрашан и потоа едноставно ослободен? Кој ја донел одлуката?
Јавноста мора да знае дали Пушколи бил регистриран во системите на граничната полиција како лице барано со меѓународна потерница, што точно покажала проверката и врз основа на која правна процедура бил пуштен да продолжи.
Уште поскандалозно е што по ослободувањето Пушколи јавно ѝ се заблагодари на македонската полиција, а посебно на полицајците Албанци, за нивниот однос кон него.
Единствена Македонија го поставува прашањето: дали во Република Македонија законите важат еднакво за сите или припадноста, политичките врски или други околности стануваат поважни од законот?
Никој не бара полицијата да постапува нечовечки или непрофесионално. Напротив, секое лице мора да биде третирано достоинствено и согласно закон.
Но, коректното полициско постапување не значи игнорирање на меѓународна потерница.
Клучното прашање е што направила Република Македонија кога пред себе имала лице за кое постоела меѓународна потерница.
Овој случај не е само прашање на еден патник и еден граничен премин. Тој го засега авторитетот на македонската држава, контролата на нејзината граница и довербата во нејзините институции.
Единствена Македонија бара одговори од МВР и од сите надлежни институции.
Кој го пуштиПушколи?
Кој ја донесе одлуката?
И најважно врз кој законски основ?
Македонската граница мора да биде под контрола на македонските институции, а законот мора да важи еднакво за секого.

