ГЕРМАНИЈА НА НОЗЕ Десетици илјади работници излегоа на улиците, автомобилската индустрија пред нов удар

Над 280 протести низ земјата против затворање погони и масовни отпуштања.

ГЕРМАНИЈА НА НОЗЕ Десетици илјади работници излегоа на улиците, автомобилската индустрија пред нов удар
Фото: Принтскрин

Десетици илјади работници од германската автомобилска индустрија денеска излегоа на улиците низ целата земја, протестирајќи против затворањето на производствени погони, намалувањето на производството и масовното укинување на работни места.

Под мотото „Иднина наместо кратења – солидарноста е нашиот најсилен бренд“, протестни собири се одржаа пред погоните на најголемите автомобилски производители во Германија, меѓу кои „Фолксваген“, „Мерцедес-Бенц“, БМВ, „Ауди“ и „Порше“, како и во компании кои се дел од синџирот на снабдување на автомобилската индустрија.

Моќниот синдикат „ИГ Метал“ најави повеќе од 280 протестни митинзи, со порака дека работниците не треба да ги плаќаат последиците од деловните одлуки и грешките направени во изминатиот период.

Протестите се одржуваат само неколку дена откако „Фолксваген“ значително ги намали прогнозите за својот профит, што дополнително ги засили стравувањата од нови кратења и губење на работни места во секторот.

„ИГ Метал“ бара зачувување на работните места и продолжување на производството во Германија, но и поголеми инвестиции во домашните погони и развој на нови модели.

Од германската влада, синдикатот бара мерки за намалување на цената на електричната енергија, поголема заштита од увоз на поевтини производи и поддршка за компаниите-добавувачи кои се соочуваат со процеси на преструктурирање.

Со протестите, германските автомобилски работници испраќаат порака дека иднината на една од клучните индустрии во земјата не може да се гради само преку намалување на трошоците и работните места.

CATEGORIES
Share This