ЈЕМЕН НА РАБОТ НА ХУМАНИТАРНА КАТАСТРОФА Речиси 147.000 луѓе раселени за само 18 дена
Речиси 147.000 луѓе ги напуштија домовите, оставајќи зад себе имот и средства за живот – помошта станува итна потреба.

Речиси 147.000 луѓе се раселени во Јемен за само 18 дена, поради ескалацијата на конфликтот меѓу бунтовниците Хути, поддржани од Иран, и владините сили во осум провинции.
Според писменото соопштение на Извршната единица за управување со бегалските кампови во Јемен, во периодот од 1 до 18 септември се регистрирани вкупно 146.943 раселени лица од 21.583 семејства.
Најпогодени од новиот бран на раселување се провинциите Таиз, Лахиџ, Аден, Абијан, Шабва, Ходеида, Хадрамавт и Махра, објавува „Анадолија“.
Најголем број раселени лица се регистрирани во Таиз, каде што се населиле 80.792 лица од 11.534 семејства.
Следува Лахиџ со 38.304 лица од 5.472 семејства, додека во Аден се населиле 7.162 лица од 1.622 семејства.
Во областите Хејс и Хуха во Ходеида се населиле 10.297 лица од 1.471 семејство, а во Абијан 8.946 лица од 1.278 семејства.
Дополнително, 110 семејства се раселиле во Хадрамавт, 70 во Махра и 26 во Шабва.
Од Извршната единица предупредуваат дека огромното мнозинство од раселените семејства ги изгубиле своите домови, имотот и средствата за егзистенција, а илјадници луѓе сега живеат во исклучително тешки услови.
Новонастанатата ситуација ја зголеми потребата од итно засолниште, храна, безбедна вода за пиење, санитарни услови и здравствена помош.
Од јеменските власти е упатен апел до меѓународната заедница за итна помош, со предупредување дека секое одложување на реакцијата може дополнително да ја продлабочи хуманитарната криза и да создаде уште поголем притисок врз локалните заедници кои ги прифаќаат раселените.
Извршната единица претходно соопшти дека од 1 до 15 септември биле раселени 122.297 лица, што значи дека за само три дополнителни дена бројот пораснал за повеќе од 24.000.
Обновените борби во Јемен од јули значително ја променија ситуацијата на теренот.
Откако ја презедоа контролата врз целата провинција Ходеида, Хутите продолжија со напредување западно од Таиз, преземајќи контрола врз крајбрежни подрачја на Црвеното Море, меѓу кои и градот Муха, како и врз пристапните патишта кон стратешкиот теснец Баб ел-Мандеб.
Контролата врз архипелагот Ханиш, островот Мајун и подрачјата околу Зубаб дополнително ја промени зоната на конфликтот и го зголеми значењето на подрачјето околу Баб ел-Мандеб.

