ГАШИ НЕ ОТСТАПУВА Како граѓанин и политичар имам право на свој став за ОВК и Хашката пресуда

Претседателот на Собранието го брани својот став за Тачи, Весели, Красниќи и Селими, додека опозицијата порача дека Хашкиот суд суди поединци, а не народи.

ГАШИ НЕ ОТСТАПУВА Како граѓанин и политичар имам право на свој став за ОВК и Хашката пресуда
Фото: Принтскрин

Претседателот на Собранието вели дека функцијата не му го одзема правото да се произнесе за одредени настани, додека опозицијата го обвинува за несоодветна реакција на пресудата за четворицата поранешни водачи на ОВК.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, пред медиумите го бранеше својот став за пресудата на Хашкиот суд за поранешните водачи на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Тој истакна дека, и покрај функцијата што ја извршува, има право на приватно мислење како граѓанин и политичар.

„Имам право на своја приватност и став како граѓанин и како политичар за одреден настан, ситуација или прашање, независно од функцијата на која во моментов се наоѓам“, рече Гаши, додавајќи дека токму затоа чувствувал должност да се произнесе.

На денот на објавувањето на пресудата, првиот парламентарец преку социјалните мрежи порача дека ниту една судска одлука не може да го негира историското место на четворицата поранешни водачи на ОВК.

„Ниту една пресуда не може да го негира фактот дека Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими се дел од славното поглавје во историјата на Косово“, напиша Гаши на Фејсбук.

Тој во објавата истакна дека во периодот кога слободата на Косово, мирот и стабилноста во регионот биле идеал за кој требало да се бори, тие имале храброст да ја преземат историската одговорност за носење слобода на својот народ.

Во продолжение на својот став, Гаши порача дека за албанскиот народ поранешните водачи на ОВК остануваат ослободители на Косово.

„Војната на ОВК, жртвите и несебичноста на оние што ја предводеа и беа нејзин дел, го претставуваат патот што доведе до слободата на Косово и до нова ера на мир и стабилност во регионот“, напиша тој.

Според Гаши, пресудата е од прв степен и борбата за правда продолжува.

CATEGORIES
Share This