СВЕТСКИТЕ ЛИДЕРИ СЕ СОБИРААТ ВО ЊУЈОРК Почнува големата дебата во ОН, на маса најголемите глобални предизвици
Околу 130 шефови на држави и влади ќе се обратат на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН, која годинава се одржува под мотото „Обнова на довербата, управување со трансформацијата“.

Општата дебата во рамките на 81-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации (ГСОН) започнува во вторник, 22 септември, и ќе трае до 26 септември, а продолжението е предвидено два дена подоцна.
Светските лидери во Њујорк ќе разговараат за најголемите глобални предизвици и приоритети, под темата „Обнова на довербата, управување со трансформацијата: Обединети нации што им служат на сите“.
Според информациите објавени на веб-страницата на ОН, околу 130 шефови на држави и влади се очекува лично да присуствуваат на годишната дебата во седиштето на светската организација во Њујорк. Тие ќе ги претстават позициите и приоритетите на своите земји пред меѓународната јавност.
Претседател на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН е Халилур Рахман од Бангладеш. Тој беше избран на функцијата во јуни годинава, а сесијата официјално започна на 8 септември.
Рахман во вторник ќе ја отвори општата дебата и ќе им се обрати на учесниците. Пред неговото обраќање, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ќе го презентира својот извештај за работата на Организацијата.
Во наредните денови, говорниците ќе ги изложат своите ставови за меѓународната безбедност, економските и развојните предизвици, климатските промени, конфликтите и другите прашања од глобално значење.

