МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ДО СДСМ Ние не сме како вас – ние сме чесни и одговорни
Од ЗНАМ порачаа дека довербата кај граѓаните се гради со работа, резултати, отчетност и преземање одговорност.

Довербата на граѓаните се гради преку работа и конкретни резултати, а се потврдува со отчетност и преземање одговорност, порача претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, на настанот во Скопје посветен на отчетот на избраните и именуваните функционери од редовите на движењето.
Димитриевски нагласи дека ЗНАМ не треба да биде повторување на досегашните политички модели и дека секој функционер мора да биде свесен дека функцијата ја добил од граѓаните и дека тие имаат право да ја оценуваат неговата работа.
„Секој еден функционер од ЗНАМ, почнувајќи од сите вас овде во салата, завршувајќи до мене, секој еден е менлив. Граѓаните даваат и граѓаните земаат власт. Но, притоа ЗНАМ не смее да биде една реприза од она што е веќе видено во Македонија“, порача Димитриевски.
Осврнувајќи се на критиките и обвинувањата од СДСМ, лидерот на ЗНАМ порача дека политичките пресметки, како што рече, нема да го променат начинот на кој движењето ја гради довербата кај граѓаните.
„Се јавил ЗНАМ 1, па сега и ЗНАМ 2.0, па обвинуваат за наводни афери. Во ЗНАМ афери нема. Нас не краси чесност, отчетност, одговорност и транспарентност. И ние сме различни од сите нив останати. Но, притоа ќе им кажам да внимаваат да не им се јави и ЗНАМ 3.0“, истакна тој.
Димитриевски додаде дека целта на движењето е понатамошно политичко делување и преземање одговорност за управувањето со државата.
„На крајот на денот, еден е ЗНАМ – Движење ЗНАМ за НАША МАКЕДОНИЈА и еден ден ќе биде ЗНАМ политичка партија која ќе преземе одговорност да ја води државата“, порача претседателот на ЗНАМ.
Од ЗНАМ информираат дека процесот на отчет на избраните и именуваните функционери ќе продолжи во повеќе градови низ Македонија до крајот на годината. Како што наведуваат, целта е граѓаните да бидат информирани за реализираните активности и резултатите од работата на функционерите на Движењето во изминатите две години.

