ГРЧКИ ПОЕТ ЈА ЗАПАЛИ СКОПСКАТА СЦЕНА Во борбата на Македонците ја препознав мојата сопствена борба

Сотирис Минас сам го научил македонскиот јазик, ги препеал своите песни и првата книга ја објави во Македонија – со порака што предизвика внимание.

ГРЧКИ ПОЕТ ЈА ЗАПАЛИ СКОПСКАТА СЦЕНА Во борбата на Македонците ја препознав мојата сопствена борба
Фото: Принтскрин

Грчкиот поет Сотирис Минас денеска во Скопје ја промовираше својата поетска книга „Раскинување на договорот“, објавена двојазично на грчки и македонски јазик. Минас, иако нема македонско потекло, сам го научил македонскиот јазик и на него ги препеал сопствените песни.

Книгата беше промовирана во книжарницата на „Матица македонска“, а станува збор за првата поетска збирка на Минас објавена во Македонија. Македонските препеви се негово авторско дело, додека изданието е објавено по иницијатива на поетот и издавач Раде Силјан, кој е и главен уредник.

Отворајќи ја промоцијата, Силјан истакна дека книгата претставува значаен книжевен и културен чин кој преку поезијата и јазикот создава мост меѓу двата народа.

Минас во авторската белешка наведува дека одлуката книгата да биде објавена во Македонија ја доживува како „свесен чин на правда“, додека двојазичното издание го определува како чин на солидарност и практично признавање на македонскиот идентитет.

„Кога ја проучував историјата на македонскиот народ и на овој регион, во нивната борба ја препознав мојата сопствена борба“, рече Минас.

Тој додаде дека неговото учење на македонскиот јазик за него не е само книжевен интерес, туку „свесен, политички и хуманистички чин“.

За книгата говореше и писателот и книжевен критичар Иван Антоновски, кој ја истакна симболиката на двојазичното издание и поддршката што Минас ја покажува кон македонскиот јазик и култура.

„Нашиот јазик не чека туѓа потврда за да постои“, порача Антоновски, додавајќи дека книгата покажува оти „ниту еден јазик не мора да исчезне за другиот да биде слушнат и разбран“.

Во „Раскинување на договорот“ Минас обработува теми како слободата на изразување, правото на сопствен јазик, љубовта, ранливоста, но и отпорот кон стравот и замолчувањето.

CATEGORIES
Share This