ШТО СЕ КРИЕ ПОД МАКЕДОНИЈА Мицкоски: Резервите на антимон можеби се поголеми од Кина и Русија
Првичните извештаи отвораат големи очекувања: премиерот вели дека потенцијалните резерви на овој редок и стратешки важен минерал би можеле да го надминат збирот на резервите на Кина и Русија.

Потенцијалните резерви на антимон во Македонија би можеле да имаат значајно економско и стратешко значење за земјата, оцени премиерот Христијан Мицкоски.
Во интервју за Атлантскиот совет за време на престојот во САД, Мицкоски посочи дека антимонот е критичен и редок минерал, кој има широка примена, особено во воената индустрија.
„Антимон е критичен и редок минерал, најчесто користен во воената индустрија. Секако, постојат и некои други примени, но генерално, кога зборуваме за антимон, зборуваме за воената индустрија“, изјави Мицкоски.
Според премиерот, доколку се потврдат првичните проценки и проектот биде реализиран, Македонија би можела да ја зголеми својата стратешка важност, но и да оствари значајни економски придобивки.
„Со завршувањето на овој проект ќе можеме да ја зголемиме важноста на мојата земја и истовремено да го зголемиме богатството на граѓаните и економскиот стандард“, рече Мицкоски.
Тој се повика на првични извештаи според кои потенцијалните резерви на антимон во земјата би можеле да бидат поголеми од збирот на резервите на Кина и Русија, кои ги посочи како водечки производители во светот.
„Според првите извештаи, резервите се многу поголеми од збирните резерви на денешните прв и втор продавач во светот, Кина и Русија“, наведе премиерот.

