СКОПЈЕ СТАНУВА ЕВРОПСКИ ЦЕНТАР НА ТАНЦОТ Официјално најавено IDO European dance championship 2026
Над 2.900 танчери пристигнуваат во Скопје - од 21 до 29 септември Т-Арена во СЦ „Борис Трајковски" ќе биде домаќин на еден од најголемите танцови настани во Европа.

Со прес-конференција и атрактивен танцов спектакл во срцето на градот, вчера официјално беше најавено IDO European Dance Championship 2026 – Skopje, кое од 21 до 29 септември ќе се одржува во Т-Арена, во рамките на СЦ „Борис Трајковски”.
Европското првенство во Скопје ќе собере повеќе од 2.900 танчери од повеќе европски земји, кои во текот на девет натпреварувачки дена ќе настапуваат во повеќе танцови дисциплини и категории. Заедно со натпреварувачите, во Скопје ќе пристигнат и нивните тренери, претставници на танцови федерации, семејства и поддржувачи.
На вчерашната прес-конференција, деталите за организацијата, програмата и значењето на првенството ги претставија Трајче Петковски, организатор на настанот, и Данијел Апостоловски, директор на СЦ „Борис Трајковски”.
Беше истакнато дека организацијата на настан од ваков меѓународен ранг претставува значаен спортски и културен момент за Скопје, но истовремено придонесува и за туристичката и економската активност во градот. Илјадниците учесници и гости кои ќе престојуваат во Скопје во текот на првенството дополнително ќе придонесат градот да живее во знакот на танцот, младоста и меѓународната културна размена.
Прес-конференцијата заврши на несекојдневен и впечатлив начин со спектакуларен флешмоб, во кој танчери го претворија центарот на Скопје во отворена танцова сцена и на најдобар начин ја најавија енергијата што ќе го одбележи градот во следните денови.
ДЕВЕТ ДЕНА ВРВЕН ЕВРОПСКИ ТАНЦ ВО СКОПЈЕ
Од 21 септември, вниманието на европската танцова сцена ќе биде насочено кон Скопје.
Т-Арена во СЦ „Борис Трајковски” се подготвува да пречека илјадници натпреварувачи и посетители, со професионална продукција, сценско осветлување, LED-екрани и целосна инфраструктура неопходна за реализација на натпреварување од европски ранг.
Првенството ќе ѝ овозможи на македонската публика во живо да проследи врвни танцови изведби, кореографии и натпреварувачи од реномирани европски танцови школи и федерации, во повеќе дисциплини и возрасни категории.
Посебен сегмент од програмата ќе биде Парадата на нациите, која ќе се одржи на 25 септември во 14:30 часот, во СЦ „Борис Трајковски”.
Во рамките на парадата ќе бидат претставени сите земји и учесници на првенството, во свечен формат кој ги промовира пријателството, меѓусебната почит, културната размена и заедништвото. На Парадата на нациите е предвидено присуство и на високи државни претставници, дипломатски делегации и амбасадори, со што овој сегмент добива дополнително протоколарно и меѓународно значење.
Во текот на деветте дена од првенството се очекува низ СЦ „Борис Трајковски” да поминат илјадници посетители, со што Скопје во последната недела од септември ќе живее во ритамот на европскиот танц.
Дневните влезници за публика, по цена од 1.200 денари, ќе бидат достапни на билетарницата на СЦ „Борис Трајковски”.
Со IDO European Dance Championship 2026, Скопје добива уште една можност да се претстави како домаќин на голем меѓународен настан и како град во кој на едно место се спојуваат спортот, уметноста, културата, младинската енергија и меѓународното пријателство.
Од 21 до 29 септември – Скопје танцува со Европа.


