МИЦКОСКИ ИСПРАТИ ПОРАКА ДО БУГАРИЈА Нема да влезам во процес без предвидлив крај – бара „трет на масата“

Од Вашингтон премиерот порача дека нема да има брзоплето повлекување од договори и преговори, но најави дека Македонија е подготвена за разговори со Бугарија само со присуство на меѓународен претставник, најверојатно од ЕУ.

МИЦКОСКИ ИСПРАТИ ПОРАКА ДО БУГАРИЈА Нема да влезам во процес без предвидлив крај – бара „трет на масата“
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон порача дека Владата нема да презема радикални и брзоплети чекори во односите со Бугарија, ниту пак ќе се повлекува од меѓународни договори и преговори, нагласувајќи дека Македонија мора да ги брани своите позиции преку аргументирана дипломатска борба.

Во интервју за МИА, Мицкоски вели дека односите со Бугарија се неизбежна тема во разговорите со европските партнери, особено со претставници на Европската комисија и Советот, и посочува дека земјата веќе е во „сериозна оптика“ на европските партнери.

„Јас не сум од оние луѓе кои што брзоплето ги прават работите во политиката. Свесен сум за реалноста и за погрешната политика во минатото. Од друга страна, очекувањата на некои радикални елементи во нашата структура за повлекување од меѓународни договори и преговори – тоа би било идеално доколку сме ние сами на овој свет, но не сме сами“, вели премиерот.

„Никогаш нема да влезам во процес без предвидлив крај“

Мицкоски нагласува дека Владата бара решение, но нема да прифати процес без јасно дефиниран и предвидлив крај.

Според него, за евентуален напредок најпрво е потребно да се изгради доверба меѓу двете страни и да постои политичка волја и од Македонија и од Бугарија.

„Подготвени сме да аргументираме, подготвени сме, ако аргументите на соговорникот ги совладаат нашите аргументи, да ги прифатиме. Не се инаетиме, не сме тврдоглави. Но, она што претставува наша цел е нашата стратегија, нашата вистина да ја презентираме на најдобар начин“, истакнува Мицкоски.

Тој додава дека преку политички дијалог и дипломатска борба на меѓународната сцена Владата ќе се обиде да ги врати, како што вели, дел од позициите што биле загубени во минатото.

Мицкоски бара „трет на масата“

Во однос на евентуалните разговори со Бугарија за усогласување на акцискиот план за малцинствата, премиерот вели дека Македонија е подготвена за дијалог, но со задолжително присуство на меѓународен претставник.

„Ако водиме дијалог само со нашиот источен сосед, тогаш се потврдува она што ние велиме дека е билатерално прашање“, вели Мицкоски, додавајќи дека затоа е потребен „уште еден на масата“.

Како можен учесник тој го посочува претставникот на Европската Унија.

„Ќе го водиме процесот паралелно, подготвени сме да разговараме за усогласување на акцискиот план за малцинства, се разбира во присуство на меѓународната заедница“, вели премиерот.

Мицкоски посочува дека паралелно со дипломатските активности Владата продолжува со реализација на домашните реформи предвидени со Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија.

CATEGORIES
TAGS
Share This