БРАЌА МАНАКИ ВЕЧЕРВА ГО ОТВОРА 47. ИЗДАНИЕ Битола повторно во знакот на филмот
Во Центарот за култура свечено започнува фестивалското издание.

Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва во Битола свечено ќе го отвори своето 47. издание, со почеток во 20 часот во Центарот за култура.
Фестивалот ќе биде отворен со проекција на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, реализирана во продукција на „Сестри и брат Митевски“.
Филмот ја следи приказната за три генерации жени кои се соочуваат со судирот меѓу традицијата и современите предизвици. Приказната е раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела и е сместена во динамичната ромска заедница во Шуто Оризари.
Тензијата во филмот произлегува од судирот со традиционалните вредности и општествената маргинализација, додека главните ликови се борат за опстанок, достоинство и заедништво.
Во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото го потпишува Дина Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а продуцент е Лабина Митевска.
Проектот е поддржан од Агенцијата за филм, како и од национални и регионални фондови од Белгија, Словенија и Хрватска, и од фондовите „Еуримаж“ и „Медиа“.
Во Битола веќе пристигнуваат првите гости, а пред Центарот за култура е поставен црвениот килим. Градот е подготвен за уште една фестивалска вечер во чест на браќата Манаки и филмската камера.
Со вечерашното отворање, Битола повторно станува центар на филмските случувања, а љубителите на седмата уметност во наредните денови ќе имаат можност да проследат дел од најзначајните филмски остварувања и да бидат дел од фестивалската атмосфера.

