КИНО ПОД ЅВЕЗДИТЕ ВО КИСЕЛА ВОДА „Пред дождот“ и „Приказната за Силјан“ на големото платно
Кисела Вода повторно станува отворено кино: два дена филмови за сите генерации.

Општина Кисела Вода, во соработка со Кинотеката на Република Македонија и „Киноверзум“, и овој викенд организира ново издание на манифестацијата „Кино на отворено“.
Проекциите ќе се одржат на 19 и 20 септември, во сабота и недела, во паркот „Македонија“, во близина на Домот на културата „Билјана Беличанец“. Програмата е наменета за сите генерации и носи комбинација од детски анимирани филмови и познати македонски филмски остварувања.
Сабота со „Клинци Каубојци“ и „Приказната за Силјан“
Во сабота, 19 септември, филмската вечер започнува во 19:00 часот со анимираниот детски филм „Клинци Каубојци“, синхронизиран на македонски јазик.
Од 20:35 часот следува проекцијата на македонскиот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, а во продукција на Јорданчо Петковски и Ана Хамши.
Филмот е откупен од National Geographic Documentary Films, а на Биеналето во Венеција ја освои Наградата на Музата за најинспиративен филм.
Недела резервирана за „Пред дождот“
Во недела, 20 септември, програмата започнува во 19:00 часот со детскиот анимиран филм „Таинствената шума“, синхронизиран на македонски јазик.
Во 20:25 часот публиката ќе може да го проследи култниот македонски филм „Пред дождот“, во режија на Милчо Манчевски.
Филмот е меѓу најпознатите македонски остварувања на меѓународната филмска сцена. Освоил повеќе од 30 меѓународни награди, меѓу кои и престижниот „Златен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција, а во 1995 година беше номиниран и за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
„Кино на отворено“ и овој викенд ќе понуди можност за бесплатна филмска вечер под отворено небо, со содржини за најмладите, но и за љубителите на македонската кинематографија.

