ЕВРОПА ТРГНУВА ПО КРИТИЧНИ МИНЕРАЛИ, МАКЕДОНИЈА ГО ИМА БАКАРОТ Иловица-Штука повторно во центарот на вниманието
ЕУ создава европски резерви на стратешки суровини за да ја намали зависноста од увозот, а Македонија располага со големо наоѓалиште на бакар – проектот Иловица–Штука предвидува до 16.000 тони годишно.

Европската Унија започнува со создавање сопствени резерви на критични минерали, во обид да ја намали зависноста од увоз и да обезбеди стабилно снабдување за својата индустрија, технологија и одбранбен сектор.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави формирање Европска корпорација за критични суровини, која ќе има задача да обезбедува и складира материјали од стратешко значење за ЕУ.
Фон дер Лајен предупреди дека Европа и натаму е високо зависна од увозот, особено од Кина. Во одредени категории, зависноста надминува 80 проценти, додека кај некои ретки земјени метали достигнува и до 90 проценти.
Според најавата, новата корпорација треба да придонесе кон диверзификација на снабдувањето и создавање европски резерви на материјали неопходни за електрични возила, батерии, чипови, чисти технологии и одбранбена опрема.
„Од ова не зависи само нашата индустрија, туку и нашата независност и безбедност“, истакна Фон дер Лајен.
Иловица – тука како потенцијален ресурс
Во услови на растечка глобална конкуренција за критични минерали, бакарот од наоѓалиштето Иловица-Штука се посочува како еден од ресурсите со кои располага Македонија.
Дел од европските аналитички центри претходно повикаа и земјите кандидатки од Западен Балкан да бидат активно вклучени во европските политики за критични минерали. Засега нема официјална покана, но Македонија, и покрај потенцијалот, во моментов не експлоатира значајни количини од овие суровини.
Се истражуваат резервите на антимон, додека најконкретен потенцијал постои кај бакарот во потврденото наоѓалиште Иловица–Штука.
Од локалната иницијатива „И здравје и работа“ неодамна повикаа институциите проектот да го разгледуваат низ призмата на долгорочниот државен интерес, а не низ дневнополитички притисоци.
„Сметаме дека една мала група не смее да има право да ја блокира економската иднина на цела држава. Денес, кога цената на бакарот достигнува историски високи нивоа и кога Европа активно бара сигурни извори на критични минерали, Македонија има можност да го искористи сопствениот минерален потенцијал“, соопштија од иницијативата.
Оттаму посочуваат дека бакарот е важен за електроенергетските мрежи, електричните возила, обновливите извори на енергија и дигиталната инфраструктура, поради што, според нив, Иловица-Штука не треба да се третира исклучиво како локално или политичко прашање.
Експерти: Европа се враќа кон сопствената минерална база
Дел од експертската јавност оценува дека Македонија треба да ги следи европските политики во областа на критичните минерали.
Универзитетскиот професор Ѓорѓи Димов смета дека глобалните геополитички случувања и нарушувањата на синџирите на снабдување ја зголемуваат потребата од сопствени минерални ресурси.
„Сега имаме проблем и тој е најчесто поврзан со геополитичките случувања и со синџирите на снабдување. Имаме проблем кога концентратите или металите не можат да стигнат до Европската Унија“, изјави Димов.
Тој како пример ги посочи ризиците поврзани со транспортот преку Црвено Море, нагласувајќи дека секое подолготрајно нарушување на поморскиот сообраќај може да предизвика дополнителни проблеми во европските синџири на снабдување.
Според Димов, токму ваквите ризици ја поттикнале Европа повторно да се насочи кон сопствената минерална база. Тој потсетува дека со европската регулатива за критични суровини се поставени цели за зголемување на европското производство, преработката и рециклирањето до 2030 година.
Иловица-Штука со планирано производство од 16.000 тони бакар годишно
Проектот Иловица-Штука предвидува производство до 16.000 тони бакар годишно, а во првите две години од изградбата се предвидува инвестиција од околу 350 милиони евра.
Во услови на растечка европска побарувачка и глобална конкуренција за критични суровини, поддржувачите на проектот сметаат дека бакарот од Македонија би можел да биде дел од европските синџири на снабдување.
Особено внимание привлекува и движењето на цената на бакарот, која во периодов се приближува до 15.000 долари за тон.
Прашањето за Иловица-Штука, сепак, останува предмет на домашни политички, економски и еколошки дебати, додека европската стратегија за критични минерали ја отвора и пошироката тема за тоа како Македонија ќе го искористи својот минерален потенцијал.
НИ ТРЕБА РАБОТА, А НЕ ИСЕЛУВАЊЕ Жителите на Иловица со јасна порака за рудникот за бакар

