ГРЦИЈА ДАВА 10.000 ЕВРА ЗА ПРЕСЕЛБА Пари за семејствата што ќе се населат во пограничните области

Во октомври стартува платформата за аплицирање, а програмата предвидува и дополнителни 1.000 евра за секое дете и посебни стимулации за дефицитарни професии.

ГРЦИЈА ДАВА 10.000 ЕВРА ЗА ПРЕСЕЛБА Пари за семејствата што ќе се населат во пограничните области
Фото: Принтскрин

Грција ќе обезбедува финансиска помош до 10.000 евра за семејства кои ќе одлучат да се преселат и да живеат во пограничните области на земјата. Новата мерка е дел од поширока програма за демографски развој и зајакнување на населеноста во регионите кои се соочуваат со намалување на бројот на жители.

Според најавите на грчката министерка за социјална кохезија и семејство, Домна Михаилиду, посебна платформа за поднесување барања ќе биде отворена во октомври.

Михаилиду во интервју за телевизијата „Антена“ посочи дека програмата, која најпрво започна во регионот Еврос, на границата со Бугарија и Турција, сега ќе биде проширена и на други погранични области.

„Во октомври ја отвораме платформата и ќе обезбедиме до 10.000 евра за преселба на семејства во пограничните области“, изјави министерката.

Мерката ќе биде достапна и за грчки државјани кои во моментов живеат во странство, а сакаат да се вратат во Грција и да се населат во некоја од опфатените области.

Посебни финансиски стимулации се предвидени и за одредени островски подрачја. На Кастелоризо, остров во Егејското Море кој се наоѓа во непосредна близина на турскиот брег, лицата кои ќе одлучат да се населат ќе можат да добиваат годишна финансиска помош од 5.000 евра.

За секое дете семејствата ќе добиваат дополнителни 1.000 евра. Во рамките на мерките се планираат и инвестиции во локалната инфраструктура, меѓу кои отворање градинка и училиште.

Дополнителни стимулации се предвидени и за професии кои се особено дефицитарни во овие области, како што се лекарите.

Со програмата грчките власти настојуваат да го поттикнат населувањето на пограничните региони, да го поддржат семејниот живот и да привлечат жители, вклучително и грчки државјани кои живеат во странство.

CATEGORIES
Share This