БОМБА ОД 24,3 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ Саудиска Арабија купува 48 американски Ф-35
Стејт департментот одобри можна продажба на најсовремените борбени авиони, со мотори, муниција, симулатори и целосна логистичка поддршка.

Американскиот Стејт департмент одобри можна продажба на воена опрема на Саудиска Арабија, во рамки на договор вреден околу 24,3 милијарди долари. Во центарот на пакетот се 48 борбени авиони Ф-35 Лајтнинг II, заедно со придружна опрема и услуги.
Според соопштението на Стејт департментот, Саудиска Арабија побарала 48 авиони Ф-35 со конвенционално полетување и слетување, како и 49 мотори „Прат и Витни“ F135-PW-100. Од нив, 48 мотори би биле вградени во авионите, додека еден би служел како резервен.
Предложениот пакет опфаќа и системи и опрема за комуникации, навигација и електронско војување, како и дополнителна опрема и средства за поддршка на авионите.
Договорот предвидува и муниција, резервни делови и потрошни материјали, опрема за обука и симулатори, софтвер и техничка документација, како и логистички, инженерски и технички услуги за поддршка.
Според американската страна, станува збор за можна продажба, што значи дека одобрувањето од Стејт департментот не претставува конечен договор за испорака.

