СЕ ВРАЌА НА СУДЕЊЕТО „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“ Бајрами се предаде, обвинетите повторно пред судот

Поранешниот директор на Државна лотарија минатата недела се предаде на „Блаце“, а денеска процесот продолжува со изведување докази за наводната штета од 596 милиони денари.

СЕ ВРАЌА НА СУДЕЊЕТО „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“ Бајрами се предаде, обвинетите повторно пред судот
Фото: Принтскрин

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за случајот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.

Бајрами минатата недела се предаде на македонските власти, откако претходно ја напушти земјава и за него беше распишана меѓународна потерница. На 9 септември сам се пријавил на граничниот премин „Блаце“, по што бил спроведен во затворот во Скопје, каде што се наоѓа во притвор.

Покрај Бајрами, обвинети во предметот се и поранешниот вицепремиер Артан Груби, како и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.

На првото рочиште, кое се одржа минатата недела, обвинетите се изјаснија дека не се виновни. Бајрами не присуствуваше бидејќи во тој момент беше недостапен за органите на прогонот. Авдиу, пак, побара обвинението да му биде доставено во писмена форма на албански јазик, со образложение дека не го разбира обвинението.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Според обвинителниот акт, предметот се однесува на постапувања во периодот 2023-2024 година, при што обвинетите, според Обвинителството, ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на Државна лотарија од 596.125.511 денари.

На денешното рочиште се очекува да продолжи изведувањето на доказите и да бидат преземени следните процесни дејствија.

CATEGORIES
Share This