24,1 МИЛИОНИ ЕВРА СТИГНУВААТ ВО МАКЕДОНИЈА Еве за што ќе се трошат парите
ЦЕБ финансира 30 нови спортски сали, реконструкција на училишта и подготовка на нови капитални проекти.

ЦЕБ продолжува со поддршката за Македонија: 24,1 милиони евра за училишта и спортски сали
Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) продолжува да биде значаен партнер на Македонија во реализацијата на проекти во образованието, социјалната инфраструктура и поддршката за микро, малите и средните претпријатија.
Ова било потврдено на денешната средба меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и заменик-гувернерот на ЦЕБ, Томаш Бочек, на која бил разгледан напредокот на тековните проекти и биле утврдени идните насоки на соработката.
„Продолжуваме да го зајакнуваме партнерството со ЦЕБ, насочувајќи ја поддршката кон проекти што придонесуваат за подобри јавни услуги, поквалитетно образование и економски развој“, истакнала Димитриеска-Кочоска.
ЦЕБ е активна во Македонија од 1997 година. Досега одобрила кредити за 10 проекти во јавниот сектор, со вкупна вредност од 314 милиони евра, а обезбедила и инвестициски грантови и техничка помош за подготовка на проекти.
24,1 милиони евра за училишта и спортски сали
Меѓу актуелните проекти е дополнителното финансирање од 24,1 милиони евра преку заем и грантови. Средствата се наменети за изградба, надзор и опремување на 30 спортски сали во основните училишта, како и за реконструкција на основни и средни училишта.
Овој проект е продолжение на претходната соработка со ЦЕБ, во рамки на која биле изградени и опремени 70 спортски објекти во основните училишта, а биле реконструирани 90 основни и средни училишта.
50 милиони евра за микро, мали и средни компании
Соработката опфаќа и кредитна линија од 50 милиони евра, реализирана преку Развојната банка, наменета за поддршка на микро, малите и средните претпријатија и креирање нови работни места.
Поддршката на ЦЕБ во Македонија е насочена и кон здравството, образованието, правосудството, социјалното домување и други проекти поврзани со социјалната инфраструктура и интеграција.
Нови инвестиции во ФИНКИ и спортскиот факултет
На средбата биле разгледани и проектите што се подготвуваат за следниот период. Меѓу нив се издвојуваат инвестициите за комплетирање на објектите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ.
Во план и основна дигитална инфраструктура
Посебно внимание било посветено и на проектот за основна дигитална инфраструктура, чија цел е унапредување на дигиталната инфраструктура и поддршка на процесот на дигитална трансформација.
Од Министерството за финансии информираат дека е изразена определба за продолжување и продлабочување на соработката со ЦЕБ, со фокус на реализација на тековните проекти и обезбедување средства за нови инвестиции од значење за економскиот и социјалниот развој.

