5,1 МИЛИЈАРДА ЕВРА И РАСТ ОД 4,3%: Славески со нови податоци за состојбата во Македонија

Гувернерот вели дека монетарната поставеност останува соодветна, каматата е 4,25%, а инфлацијата во август достигна 2,6 отсто.

5,1 МИЛИЈАРДА ЕВРА И РАСТ ОД 4,3%: Славески со нови податоци за состојбата во Македонија
Фото: Национал

Монетарната поставеност останува соодветна, а основната каматна стапка е задржана на 4,25 отсто. Народната банка ги следи економските движења и располага со инструменти со кои може да реагира доколку условите го наложат тоа, истакна гувернерот Трајко Славески во гостувањето во централниот дневник на Македонската телевизија.

Славески посочи дека одлуките на Народната банка се носат врз основа на детални макроекономски анализи, при што се земаат предвид и неизвесностите во меѓународното окружување.

Девизните резерви над 5 милијарди евра

Според гувернерот, девизните резерви достигнале околу 5,1 милијарда евра, што е приближно двојно повеќе во споредба со претпандемиското ниво од 2019 година.

Тој нагласи дека резервите се еден од клучните инструменти за одржување на стабилноста на номиналниот девизен курс. Народната банка, зависно од состојбите на девизниот пазар, интервенира преку откуп или продажба на девизи.

Растот на резервите, како што објасни Славески, е поддржан од поволните движења во екстерниот сектор, вклучително и извозот и увозот, странските директни инвестиции и портфолио-инвестициите.

„Не само што се надомести она што беше потрошено за интервенции туку и девизните резерви значително пораснаа“, истакна гувернерот.

Инфлацијата во август 2,6 отсто

Славески се осврна и на инфлацијата. Годишната инфлација во јули изнесувала 2,3 отсто, додека во август достигнала 2,6 отсто. На месечно ниво, цените во август биле за 0,4 отсто повисоки во однос на јули.

Според гувернерот, августовските податоци укажуваат на релативно ограничен пренос на промените кај цените на енергентите и суровата нафта врз домашните цени.

Народната банка продолжува внимателно да ги следи инфлациските движења, а доколку условите наложат, на располагање ги има основната каматна стапка и мерките на макропрудентната политика.

Економијата порасна за 4,3 отсто

Во разговорот Славески го оцени како позитивен и економскиот раст од 4,3 отсто во вториот квартал, особено имајќи ја предвид неизвесноста во светската економија.

Растот, според него, во најголем дел е поттикнат од бруто-инвестициите, особено инвестициите во инфраструктурата, но и од личната потрошувачка.

На растот на потрошувачката влијаат зголемувањето на расположливиот доход, платите и пензиите, како и поголемото кредитирање на населението и бизнис-секторот.

„Добро е што и во услови на голема неизвесност во светската економија македонската економија бележи солиден раст“, истакна Славески.

CATEGORIES
Share This