ВОЗАЧИ, ВНИМАВАЈТЕ Овие патишта денес се под посебен режим – еве каде има одрони и девијации

Сообраќајот генерално се одвива без поголеми проблеми, но АМСМ предупредува на внимателно возење на повеќе критични делници низ Македонија

ВОЗАЧИ, ВНИМАВАЈТЕ Овие патишта денес се под посебен режим – еве каде има одрони и девијации
Фото: Принтскрин

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, главно по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.

Особено внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Времен режим на повеќе патни правци

Поради градежни и санациски активности, на повеќе делници низ земјава е воспоставен времен режим на сообраќај.

На граничниот премин Делчево, поради реконструкција, од 9 септември е воведен времен режим. Од АМСМ информираат дека преминот ќе функционира непрекинато, а сообраќајот ќе се одвива нормално во текот на градежните работи.

На автопатот А4, делница Миладиновци – Свети Николе – Штип, кај наплатната станица Преод, до 1 октомври ќе има изменет режим поради санација на косина.

Во Штип, од 6 јули трае времената измена на сообраќајот поради санација на мостот на реката Брегалница на патот Р1204.

Ограничувања и санации кај Гостивар и Желино

На државниот пат А2, делница Гостивар – Стража, се изведуваат санации на мостовите, меѓу кои мостот бр. 4 – Вијадукт на Атанасова Река и мостот бр. 7 – Вијадукт на Дол. Поради работите е воспоставен времен режим на сообраќај.

Времен режим има и на мостовите на А2 на реката Вардар кај село Желино, во двата правци – Скопје–Желино и Желино–Скопје.

На автопатот А1, делница Смоквица – Гевгелија, се изведуваат активности за поставување интерконективен гасовод под автопатот, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим.

Внимателно на скопската обиколница

На државниот пат А2 – скопска обиколница, се врши рехабилитација на делница во должина од околу 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово.

Поради работите затворена е левата сообраќајна лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната лента и лентата за принудно запирање. Возачите се повикуваат да ја почитуваат поставената сигнализација.

Свлечишта и девијации на други делници

На регионалниот пат Р1202 Косоврасти – Мелнички Мост продолжуваат работите на санација на свлечиште, поради што е воспоставен времен режим на сообраќај.

Во рамки на изградбата на Коридор 10Д, на патниот правец Прилеп – Битола движењето се пренасочува по регионалниот пат, на потегот од клучката Лагово до Тополчани.

На Кичево – Охрид (А2), поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. АМСМ апелира на строго почитување на сигнализацијата и прилагодена брзина.

Сообраќај низ Јасен

За движењето низ Јасен на релацијата Скопје – Македонски Брод важат утврдените временски интервали:

  • Скопје – Македонски Брод: 07:30-09:00, 12:00-12:45 и 16:00-18:00 часот
  • Македонски Брод – Скопје: 06:00-07:00, 10:30-11:00, 13:00-13:45 и 18:30-20:00 часот

Воедно, патниот правец Охрид – Ресен преку Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

CATEGORIES
Share This