НЕ МИСЛЕВ ДЕКА ЌЕ ОДАТ ТОЛКУ ДАЛЕКУ Нови детали за 350.000 евра пронајдени во ѕидот кај родителите на судијата Ристов

Адвокат пред судот раскажа како полицијата ги вадела парите од ѕидот во Неготино, додека Обвинителството тврди дека дел од неговото сведочење не се совпаѓа со материјалните докази и видеоснимките.

НЕ МИСЛЕВ ДЕКА ЌЕ ОДАТ ТОЛКУ ДАЛЕКУ Нови детали за 350.000 евра пронајдени во ѕидот кај родителите на судијата Ристов
Фото: Принтскрин

Со сослушување на двајца сведоци во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето против судијата во Апелацискиот суд Скопје, Ѓоко Ристов.

На рочиштето сведочеа сопственик на мобиларница, предложен од Обвинителството, и адвокат Александар Варела, предложен од одбраната, кој присуствувал на претресот во домот на родителите на Ристов во Неготино.

Сведокот на Обвинителството, кој работи како специјалист за кибербезбедност во МВР и има мобиларница во Скопје, одговори на прашање дали Ристов на 3 декември 2025 година донел телефон на поправка.

„Јас не сум примил телефон од господинот и ја дадов мојата целосна евиденција за прием на телефони од мојот систем“, изјави сведокот.

На прашања од адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, сведокот објасни дека при прием на телефон на сервис се внесуваат податоци за уредот, телефонскиот број и името на лицето кое го донело. Тој потврди и дека Обвинителството побарало проверка дали бил донесен црн „Самсунг“ со скршен екран, но во евиденцијата немало таков уред.

Ристов го праша сведокот дали се сеќава дека на 3 декември по 19 часот дошол во мобиларницата со црн „Самсунг“ и прашал дали може да се извадат податоци од телефонот. Сведокот одговори дека не се сеќава.

По неговото сослушување, обвинителката Искра Хаџи Василева побара од судот увид во списите на предметите против Маријан Стоевски и Фехми Стафа, во кои Ристов бил судија. Со тоа заврши изведувањето на доказите на Обвинителството и започна изведувањето на доказите на одбраната.

Адвокат сведочеше за претресот во Неготино

Адвокатот Александар Варела, кој бил присутен при претресот во домот на Здравко и Донка Ристови во Неготино, пред судот детално опиша што се случувало во текот на двата дена од претресот во јануари. Тој рече дека бил повикан од Ангел Ристов, синот на Здравко, а потоа заедно го земале Здравко од бањата „Негорци“.

Според неговото сведочење, иако првично сметале дека претресот е завршен, полицијата побарала да продолжи и следниот ден. При повторниот претрес, полицајците повторно ги проверувале собите и просториите, а особено внимание посветиле на кујната и плочките.

„Извадија пет плочки, па потоа уште пет. Паднаа и се скршија. Здравко приговараше да не ги кршат, туку да ги вадат полека за потоа да може да се вратат“, сведочеше Варела.

Тој опиша дека полицајците продолжиле да ги отстрануваат плочките, сè до моментот кога во последниот ред била пронајдена дупка. Според сведокот, Здравко Ристов тогаш кажал дека во просторот има пари. Полицијата, како што рече Варела, потоа почнала да ги вади парите, а бил повикан и припадник на крим-техника за да го фотографира пронајденото.

„Мислам дека извадија 13 пакувања“, изјави адвокатот.

„Не мислев дека ќе одат толку далеку“

Варела пред судот раскажа и што му кажал Здравко Ристов откако биле пронајдени парите.

„Не мислев дека ќе одат толку далеку, не сакав децата да знаат дека имам пари“, му рекол, според сведокот.

Кога Варела го прашал дали знае дека парите можат да му бидат одземени, Здравко одговорил:

„Што сака нека прават, мои се парите“.

Сведокот рече дека на негово прашање колку пари има, Здравко без двоумење одговорил дека станува збор за повеќе од 300.000, односно околу 350.000 евра. Варела оцени дека со тоа добил впечаток дека Здравко знаел за парите, но не му кажал за нив иако бил негов адвокат.

Обвинителството и одбраната со спротивни оценки

По рочиштето, обвинителката Искра Хаџи Василева изјави дека сведочењето на адвокатот во клучни делови било некредибилно. Според неа, дел од исказот се совпаѓа со динамиката на претресот, но други тврдења не се совпаѓаат со материјалните докази и видеоматеријалот прикажан на претходните рочишта.

Во однос на сведокот од мобиларницата, Хаџи Василева рече дека тој бил повикан за да потврди дали Ристов навистина го однел телефонот на поправка, како што претходно тврдел.

„Обвинетиот и во однос на тој едноставен факт не ја кажува вистината и лаже, бидејќи телефонот не го однел на поправка“, изјави обвинителката.

Одбраната, пак, има спротивен став.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ изјави дека Обвинителството не понудило докази со кои недвосмислено се потврдуваат наводите во предметот. Тој посочи дека меѓу доказите се записникот од претресот и записникот за одземените пари, на кој Здравко Ристов, според него, навел дека парите се негови.

Давидовиќ се осврна и на финансиското вештачење, според кое, како што наведе, родителите на Ристов имале законски заработени околу 975.000 евра, додека Ристов и неговата сопруга околу 600.000 евра. Тој го критикуваше и начинот на кој Обвинителството ги обезбедувало доказите, особено видеоснимките од мобиларницата.

„Зошто Обвинителството не ги извадило веднаш снимките? Зошто веднаш не реагирало, туку реагирало во март?“, праша Давидовиќ.

За што се товари Ристов?

Случајот го води судијката Билјана Коцевска, а обвинението го застапува јавната обвинителка Искра Хаџи Василева. Според обвинението, Ристов се гони за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари, односно поради сомневања дека не можел да го докаже законското потекло на имотот.

Јавното обвинителство на 17 април соопшти дека при претрес во домот на родителите на Ристов во Неготино биле пронајдени 350.000 евра. Според Обвинителството, парите биле поделени во 13 пакувања – 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра и биле скриени во заѕидан простор во шуплини од цигли во ѕид.

Обвинителството тврди дека станува збор за имот кој не бил пријавен и кој значително ги надминувал законските приходи на обвинетиот и неговото семејство. Судењето продолжува на 6 октомври, кога треба да продолжи сослушувањето на сведоците предложени од одбраната, меѓу кои е и Фехми Стафа.

НЕ БИЛЕ САМО 350.000 ЕВРА ВО ЅИДОТ, ОКОЛУ 1 МИЛИОН ЕВРА ИМАЛЕ РОДИТЕЛИТЕ И 600.000 ЕВРА НА СМЕТКИ КАЈ РИСТОВ Одбраната вели ќе го докажеме потеклото на сите пари

CATEGORIES
Share This